Струшкото село Лабуништа вчера беше обвиено во чад поради пожар на депонијата во селото. За ова преку Фејсбук соопшти еколошкото здружение „Натура лаб“ кое сподели и фотографии од селото.
Претседателот на здружението Алим Салоски за Радио МОФ вели дека ова не се случува првпат, односно дека во текот на оваа година неколкупати имало пожар на депонијата.
„Вчера ‘ратувавме’ цел ден. Сношти успеавме колку толку, со напори да го покриеме со тампон, со земја, и сега не знаеме до кога и како“, вели Салоски.
„Ова мора да се реши еднаш, засекогаш. И не страда само Лабуништа, вчера буквално, да не претерам, една четвртина од Општина Струга беше по чад“, тврди тој.
Салоски објаснува дека честопати доаѓаат и пожарникарските екипи да го гаснат пожарот од депонијата, но и дека некогаш во гаснењето помага и самата општина. Истовремено вели дека не знаат што се случува „под земја“ на депонијата и дека „денеска може пак да ‘експлодира’“. Тој се сомнева дека пожарите на депонијата се предизвикани од човечки фактор.
Лабуништа има јавно претпријатие кое го собира ѓубрето од селото и го носи на дивата депонија во селото, објаснува Салоски и вели дека претпријатието е под ингеренции на општината.
Претседателот на „Натура лаб“ објаснува дека нивните барања се исклучиво дислокација на депонијата во Лабуништа на струшката депонија.
„Во Струга да се носи, во Струга има дива депонија, општинска што ја викаме ние и таму сите собираат, па и нашево таму да се носи“, вели Салоски.
Радио МОФ денеска се обиде да добие коментар и од Општина Струга преку службените телефонски броеви на општината, но безуспешно.
Според Салоски, од вчерашниот пожар на депонијата во Лабуништа „повеќе настрадале“ околните села како Вевчани, Октиси и Велешта, и додава дека иако и претходно имало пожари на депонијата, вчера ситуацијата била многу полоша.
Мартин Колоски