На 9 декември (понеделник) со почеток во 14 часот, во просториите на едукативно-културниот центар „Лабораториум“, ќе се одржи настанот „Shōnen: Becoming The Hero“ во организација на „Пагода“, здружение кое се бави со промоција на источноазиски култури во Македонија.
Настанот кој е предвиден да трае до полноќ, вклучува богата програма наменета да задоволи различни полиња на интерес кај љубителите на јапонската традиционална и поп-култура, со фокус на аниме, односно „шонен“ жанрот.
„Овој жанр е насочен главно кон млада публика и се одликува со теми за херојство, храброст, пријателство, борба за правда и личен развој, често вклучувајќи динамични акциони сцени и авантуристички приказни. Главните ликови обично се соочуваат со различни предизвици и растат преку поддршка од блиски пријатели и тимска работа. Шонен анимето исто така често нуди морални и мотивациони пораки, правејќи го популарен жанр не само меѓу младата публика, туку и ширум светот“, се вели во најавата.
Примери на познати шонен аниме се „Naruto“, „Dragon Ball“, „One Piece“ и „My Hero Academia“.
Во рамките на настанот се предвидени бројни активности, па така во халата, на сцена ќе се претстават четири боречки вештини Тенрју Сора Доџо – Бушидо култура и изворни вештини; Клуб „Пат кон Мирот“ – Аикидо; Клуб „Вечна Пролет“ – Винг Чун Кунг Фу и Клуб „Младост“ – Теквондо).
Веднаш по нив, публиката ќе има можност да присуствува на две панел дискусии.
Првата е насловена „Патот на херојот: Како шонен аниме хероите влијаат врз обликувањето на младата популација“ на кој ќе говорат Христијан Павловски, дипломиран филозоф и писател, Ана Тодоровска, лиценциран психолог и Златко Ѓелески, филмски критичар.
Втората дискусија е насловена „Како анимето стана глобален културен феномен?“, на неа ќе говорат Соња Блажевска – член на Пагода, Марио Спасевски – новинар, водител и Рики Манасиев – 2д аниматор.
Модератор на двете трибини e Марио Спасевски.
Во ЕдуЛаб на Лабораториум ќе биде поставено „Gaming катчето“ каде учесниците ќе имаат можност да тестираат и играат Play Station и Nintendo Switch игри со аниме/шонен тематика, со поддршка од Аnhoch, а паралелно ќе се одвива и турнир во играта со карти „Yu-Gi-Oh!“ предводен од Тод, со награди од Гоблин Друштвени Игри
Учеството на турнирот може да се пријави на овој ЛИНК.
Водителите на македонскиот поткаст за geek супкултура, „Дебели Гикови“, покрај водењето на трибините, ќе пренесат во живо дел од најзабавните моменти од настанот и ќе приредат изненадувања и активности.
За време на целиот настан, во предниот дел на Лабораториум, посетителите ќе имаат можност да уживаат во тематски базар каде покрај аниме облека, манга, фигурини и ракотворби (Funkogram, Animeshop.mk, Animestore.mk, Anime Go Wear, Faceless.mk, Sshahpaska_art, Bunker Comics и Dollys Crochet Shop), ќе можат да вкусат и одлично суши од Otto, како и пакувана азиска храна од K-Shop.
Покрај тоа, целодневната програма исто така вклучува и постојана изложба на избрани уметнички дела изработени од љубители на анимето, особено шонен жанрот.
Повикот за уметници е сè уште отворен, на овој ЛИНК.
„Во текот на целиот ден, присутните ќе имаат можност да уживаат во музички избор на Anime OST-еа припремен од Beats of Asia, додека пак настанот ќе биде затворен со ди-џеј сет на DJ SNUZIII кој ќе приреди експлозивна атмосфера со енергични миксови на аниме траки со електронски битови“, стои во најавата.
Посетителите се поканети да присуствуваат и во костими инспириран од нивните омилени ликови од филмови, аниме или видео игри и да се фотографираат со тематски реквизити и позадини.
Настанот е спонзориран од Anhoch и Grafika Plus, и поддржан од Лабораториум, Дебели Гикови и Гоблин Друштвени Игри.
*Корекција – додадени се детали за затворањето на настанот со ди-џеј сет на DJ SNUZIII