Сојузот на извидници на Македонија организира завршна конференција, која има за цел да ги претстави предизвиците со кои се соочуваат младите, но и начините кои ги наоѓаат за да ги надминат лошите искуства. Конференција е закажана за оваа сабота (7 мај), во кино Фросина (Младински културен центар), со почеток во 12 часот. Во рамки на настанот предвидено е да се одржи и панел дискусија на тема „Како да придонесеме кон градење на општество кое гарантира и поддржува младинско учество и активизам“, на која ќе учествуваат претставници на повеќе младински организации кои работат на полето на младински активизам и младинска вклученост.
Покрај панел дискусијата, ќе бидат изложени и дел од фотографиите од фотоконкурсот „Излези Надвор“, преку кој се поттикнуваат младите кон активности во природа, како здраво и инспирирачко место за нивен развој. Изложбата ќе биде од хуманитарен карактер, односно сите фотографии ќе бидат дел од тивката аукција чија цел ќе биде собирање средства кои подоцна ќе бидат донирани за хуманитарна цел.
„Искуствата на младинските иницијативи се уникатен ресурс на знаења врз кои сметаме дека треба да се надоградуваат и креиираат новите програми и политики кој треба да гарантираат простор за младински иницијативи и институции кои се отворени и работат заедно со младите“, велат организаторите.
Сојузот на извидници на Македонија e национална чадор организација која повеќе од 60 години работи со младите во неформалното образование. Мисијата на Сојузот на извидници на Македонија е да придонесе во зајакнувањето на младите во здрави и конструктивни индивидуи кои играат активна улога во своите заедници. Во изминатите две години повеќе од 150 млади од 13 општини во Р.Македонија учествуваа во програмата за зголемување на младинското учество во општеството поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско општество кој го спроведува Фондацијaта Отворено општество – Македонија.