Универзитетот за информатичка технологија и менаџмент (УИТМ) во Жешов, Полска обезбедува стипендии кои целосно или половично ја покриваат школарината за додипломски студии на македонските ученици.
Студиите се на англиски јазик и траат три години, додека мастер студиите траат две години. УИТМ е универзитет кој го негува мултикултурализмот, со интернационални студенти од дваесет и три различни земји ширум светот, при што 30% од студентите се целосно или делумно стипендирани од самиот универзитет.
Програмите на англиски јазик за додипломски студии, а на кои може да аплицираат и македонските ученици се : „Aviation management“ под покровителство на германската компанија Lufthansa; Информатичка технологија; Финансиски менаџмент; Финасиско сметководство; Интернационален менаџмент и Физиотерапија.
Кандидатите кои ќе конкурираат за додипломски студии треба да се државјани на РМ, да имаат завршено четиригодишно средно образование и одлично да го познаваат англискиот јазик. Доколку наставата од средното училиште била изведувана на англиски јазик, потребно е само потврда за тоа, издадена од страна на средното училиште. Во друг случај потребен е доказ за положен сертификат TOEFL, IELTS или др.
Молбата за упис треба да се пополни најдоцна до 31 јули 2015, а може да се најде на следниов ЛИНК.
Кандидатите треба да го решат тестот по општо знаење, кој ќе се прави во просториите на македонското претставништво во Скопје на 5 август 2015. Објавувањето на резултатите е најавено на 7 август, кога ќе се одлучува за висината на стипендијата, а организирана е и дводневна екскурзија до трите кампуси на УИТМ.
Откако ќе бидат објавени добитниците на целосните и делумните стипендиите потребни се следниве документи за упис на УИТМ:
Апликација за упис, упатена кон Проректоратот за меѓународна соработка, потпишана од кандидатот на англиски јазик на сајтот на факултетот; CV на англиски јазик; Свидетелства за завршено средно образование, преведени на англиски јазик и заверени кај судски преведувач; Копија од оригинал диплома за завршено средно образование, преведена на англиски и заверена кај судски преведувач; Апостил сертификат на средношколската диплома, институционално издаден; Фотокопија на пасошот; Една фотографија; Здравствена потврда за психофизичката состојба на кандидатот, преведена на англиски јазик и заверена кај судски преведувач.
Изборот на кандидати ќе се врши од страна на комисијата на УИТМ, во согласност со нивниот правилник и успехот остварен на тестот по општо знаење и остварениот успех од средношколското образование и матурата.
Според статистички податоци во 2014 година, од 300 приватни и државни универзитети во Полска, УИТМ се наоѓа на 9-то место. Бенефити на факултетот се моќната инфраструктура, со три кампуси и над седумдесет современо опремени лабаратории, double degree програма со која покрај УИТМ диплома, студентите може да се здобијат и со уште една диплома од универзитети партнери од Германија, Данска, Кина, САД и Велика Британија, но и задолжителни, платени пракси, ЕРАЗМУС размена на студенти, меѓународни бизнис (CIMA, COI e-DOK, European Junior Logistician), јазични( TELC, LCCI,PTE, TOEIC) и информатички (Microsoft, Oracle, CISCO Systems, ECDL) сертификати.