Откако градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска денес, најави покренување кривична постапка против Цементарницата „Титан Усје“, за, како што соопшти, непридржување кон прописите за заштита и унапредување на животната средина, реакција стигна и од Цементарницата.
Од таму пак, во своја реакција, велат дека ставовите на Арсовска се неосновани.
„Вонредната контрола од страна на Државниот инспекторат за животна средина, спроведена на 3. и 4. јануари 2023 година, во присуство и на инспектори од Град Скопје, потврди дека емисиите од производниот процес во Цементарница Усје се пониски од дозволените гранични вредности. Производниот процес во Цементарница УСЈЕ се одвива во законски определените рамки и според еколошките стандарди“, велат од таму.
Од Цементарницата велат дека податоците за мерењата на 26 и 27 декември минатата година, изнесени на прес-конференцијата, воопшто не се направени, па не би можело да се поврзат со УСЈЕ.
„Мерењата направени на 3. и 4. јануари 2023 од страна на ДИЖС и инспектори за животна средина на Град Скопје во кругот на Цементарница Усје, уште еднаш потврдуваат дека нема корелација помеѓу работата на Цементарницата и квалитетот на амбиентниот воздух во градот. Резултатите од мерењата на сите емисини точки во процесот потврдуваат дека нема надминување, а концентрацијата на РМ10 честичките во амбиентниот воздух измерена во Цементарница Усје е дури и помала од други мерни места во градот“, велат од цементарницата „Титан Усје“.
Од таму додаваат дека поради енергетската криза и нарушеното снабдување со природен гас, за загревање на просториите се употребува мазут, додавајќи дека тоа е дозволен енергенс согласно А-Интегрираната Еколошка дозвола.
„При оваа вонредна контрола, кај парниот котел, кој не е дел од производниот процес и е исклучиво наменет за загревање на просториите, беше регистрирано отстапување кај еден параметар од мерењата. Компанијата веднаш ќе ги имплементира препораките на инспекторатот и ќе направи замена на енергенсот со природен гас“, велат од цементарницата.
Од „Титан УСЈЕ“ велат дека редовно се вршат независни мерења од страна на акредитирани лаборатории, нагласувајќи дека последното редовно независно мерење е направено на 28 октомври 2022 година, при што резултатите покажале дека сите емисии, вклучувајќи ги оние оние од котларата, се под законски дозволените граници.
Град Скопје најави кривична пријава против Цементарница Усје за загадување на воздухот