Светските цени на храната пораснале најбрзо последнава деценија и се во постојан пораст 12 месеци по ред, покажува индексот за храна кој го користат Обединетите Нации.
Дел од причините за оваа ситуација е тоа што производителите на храна се соочуваат со проблеми со работниците, транспортот и производството во пандемијата. Овој ценовен раст, пак, кај експертите предизвикува загриженост за зголемување на инфлацијата и за тоа како растот на цените на секојдневните производи ќе влијае на економското опоравување.
Инфлацијата се очекува да ги погоди посиромашните држави кои зависат од увоз за обезбедување на секојдневните потреби за храна. За побогатите држави цената на суровините изнесува само дел од конечната цена која се плаќа во супермаркетите или рестораните, но сепак растот на суровините е толку висок што дури и големите компании, како Нестле или Кока-Кола најавија дека тоа ќе ги покачи цените на нивните производи.
Индексот на Агенцијата за храна на Обединетите Нации (ФАО) ги следи цените на различни видови храна, како житарките, маслодајните растенија, млечните производи, месото и шеќерот. На годишно ниво, цените пораснале за 39,7% во мај, најголем скок помеѓу две години уште од октомври 2010 година.
Сите пет компоненти кои го сочинуваат овој индекс поскапеле, што пак довело до раст на цените на растителните масла, зрнестите производи и шеќерот. Ова го довело индексот на највисоко ниво од септември 2011 година.
Економистите исто така предупредуваат дека враќањето на јадење надвор од дома, откако низ светот полека се повлекуваат забраните поради коронавирусот, ќе биде дополнителен ценовен притисок.
„Намалувањето на јадењето во угостителски објекти не беше целосно компензирано со јадењето дома. Но, како што луѓето ќе почнат повторно да одат во ресторани, така ќе видиме раст на цената на храната“, објаснува економистката од ФАО, Абдолреза Абасиан, за Фајненшл Тајмс.