Цените на електричната енергија незапирливо растат ширум Европа

Цените на електричната енергија низ Европа годинава константно растат пратејќи го економското закрепнување, но во последните неколку недели забележан е ненадеен скок. Сепак, аналитичарите сметаат дека порастот на цените може да биде најмалата грижа со која може да се соочи Европа кога станува збор за снабдувањето со електрична енергија.

Од почетокот на септември, цените на големо на електрична енергија во Германија и Франција се зголемија за 36, односно 48 отсто. Тие сега се движат околу 160 евра за мегават час, што е рекордно ниво. Во Велика Британија цените достигнаа неверојатни 385 фунти, во однос на 147 фунти пред неколку недели.

Како се објаснува ненадејниот пораст на цените?

Економист“ пишува дека еден од идентификуваните проблеми е снабдувањето со природен гас, кој се користи за производство на околу една петтина од електричната енергија во Европа. Недостигот доведе до зголемување на цените на плинот, а со самото тоа и на цените на електричната енергија.

Околу една третина од европската понуда доаѓа од Русија, а другата петтина од Норвешка. Двете земји се погодени од неочекувани ситуации, како што е пожар во фабрика за преработка во Сибир, предизвикувајќи помалку залихи од очекуваното. Европските купувачи, како што се националните компании за гас, затоа се свртеа кон пазарот на течен природен гас, за да го надополнат недостатокот. Но, тоа ги доведе во трка со купувачите од Кина и Јапонија, каде расте побарувачката.

Помеѓу јануари и јули, увозот на течен природен гас во Европа беше 15 проценти под минатогодишниот обем, објаснува Грахам Фридман, аналитичар во истражувачката компанија „Вуд Мекензи“. Покрај тоа, Европа претрпе студена и долга зима која ги потроши залихите, кои се околу 25 отсто под својот долгорочен просек.

Европските компании на високите цени обично реагираат со користење на јаглен, но цената на јагленот е исто така на рекордно високо ниво поради побарувачката на Кина за електрична енергија и „тесното грло“ во производството. Трошоците за европските дозволи за јаглен се исто така на рекордно ниво, бидејќи согорувањето на јаглен емитува повеќе од согорувањето на природниот гас, оттука скапите дозволи за јаглен дополнително ја зголемуваат цената.

Вториот фактор е ветрот, односно, со други зборови, неговиот недостаток. Околу една десетина од енергијата во Европа се произведува од ветер. Во некои земји, вклучително и Германија и Британија, уделот е двојно поголем. Меѓутоа, изминатиот период беше обележан со мирно време и недостаток на ветер. На пример, во Германија, производството на енергија од ветер беше за 50% под просекот од пет години во текот на првите две недели од септември, рече Рој Мануел од истражувачката компанија ИЦИС.

Аналитичарите очекуваат дека цените ќе останат високи во текот на целата зима, кога побарувачката за греење и електрична енергија ќе го достигне врвот. Ова е лоша вест за европските потрошувачи кои ќе сносат голем дел од трошоците.

Некои земји веќе се обидуваат да ги заштитат потрошувачите. Владата во Шпанија донесе итни мерки за ограничување на цената на гасот и профитот на комуналните претпријатија. Италијанската влада размислува како да ги пресмета сметките за електрична енергија. Но, одговорните за креирање политики нема да можат да ги заштитат потрошувачите од најекстремните влијанија од недостатокот на природен гас.

Некои аналитичари веруваат дека студената зима особено може да предизвика прекин на електричната енергија. Така, сметките за комунални услуги може да бидат најмалата грижа за Европа.