За Ирина Јаневска и тимот на „АРНО“, идејата за Центар за поправки започна пред осум години, кога за прв пат го виделе „Риперај“ во Ријека. Веднаш знаеле дека и Скопје заслужува вакво место. По години упорност и многу предизвици – конечно пред некој ден го отворија „Ништо ново“.
„‘Ништо ново’ не е само име, туку филозофија: да не фрламе, да поправаме, да придонесеме кон помалку отпад, зошто токму превенцијата на отпад е клучна во циркуларната економија. Рециклирањето е скапо и неисплатливо. А конзумеризмот мораме да го освестиме. Центарот го посветувам на татко ми – инженер кој од три расипани тостери правеше еден што работи. Од него научив дека поправките не се само вештина – тоа е начин на живеење, кој на Македонците, балканците не им е нов“, раскажува Јаневска, претседателката на „АРНО“.
Несомнено е двојното значење на ова име – „Ништо ново“. Не е само тоа што е начин на живот, туку овој Центар, со адреса во скопската општина Кисела Вода, има поширока мисија да им помогне на луѓето да не се фокусираат само на „новото“, а притоа да им даде шанса и знаења, за самите потоа да им даваат втора шанса на своите домашни предмети – да ги користат, повторно и повторно, наместо да ги фрлаат во отпад. Патем, така ќе се намалува и потрошувачката култура, со што ќе се развиваат одржливи и штедливи навики, а заедницата ќе си помага себеси.
View this post on Instagram
„Ова е прв ваков простор во градот каде граѓаните ќе можат самите да прават поправки, да учат нови вештини, да се разменуваат со предмети кои не им се потребни, да изнајмат алат и да дадат поддршка на зеленото социјално претприемништво. Центарот е иницијатива на АРНО, финансиран преку ЕУ проектот ЕИЦЕЕ, во соработка со општина Кисела Вода која дава поддршка преку обезбеден простор и режиски трошоци“, објаснува Јаневска од „АРНО“.
Што значи Центар за поправки и што нуди?
Потребата за вакви локации веќе го увиделе повеќе луѓе од практични причини, ако се знае дека во 43 земји во светот постојат повеќе од 3.000 repair сafés (што функционираат како места за поправки). Првото кафуле за поправки е отворено во 2009 во Амстердам. Сите тие месечно во просек поправаат повеќе од 50.000 предмети.
Концептот не е оној класичниот – сервис каде нешто ќе донесам, оставам и ќе чекам некој друг да ми го поправи. Туку и јас да поправам, помогнам, научам, практикувам. И, тоа да биде тука, блиску во маалото, комшилукот, во општината. Да биде од заедницата за заедницата.
Оттука, Антоно Даниловски од „АРНО“ раскажува дека долго размислувале и го осмислувале концептот на „Ништо ново“. Истражувале и кои се потребите на граѓаните, што би сакале тие да пробааат и научат, а на крај разговарале и со голем број мајстори, за да може да се реализираат тематски работилници во Центарот.
„Во ’Ништо ново‘ граѓаните ќе можат да острaт ножеви, поправат тротинети, сменат кабли, зашијат облека, исчистат тастатура, наполнат батерии – самостојно, користејќи ја опремата што ја обезбедивме. Центарот има лемилици, шивачки машини, алати – и секако, ќе има организирани работилници, како онаа со дизајнерката Ирина Тошева“, посочи Даниловски.

Фото: АРНО
„Нечие ѓубре за друг е богатство“
Јаневска од „АРНО“ дополнува дека веќе имаат креирано профили на социјалните мрежи, каде ќе ги објавуваат работилниците. За Центарот, вели таа, планираат голем број содржини и настани, а се’ уште експериментираат со работното време, согласно потребите на граѓаните.
„Додека го опремувавме Центарот организиравме тест работилница, односно тест настан што го крстивме ‘Разменотека’. Поканивме соработници, наши пријатели, еко-активисти – секој да донесе по пет предмети од дома. Дадовме копченца, како токени и луѓето сами меѓу себе се менуваа. Беше интересно да се види дека некој си замина со синтисајзер. Една девојка донесе исправна кафе машина. Јас донесов јаже за скокање кое не го користам. Имаше многу размена на книги, на растенија, накит. Ете, една порака за консумеризмот, дека не мора се’ да се купува. Некогаш нечие ѓубре за друг е богатство!“, потенцира таа.
Нагласува, Центарот е бесплатен за користење за граѓаните на Кисела Вода, и за останатите граѓани кои пак доколку сакаат и се во можност, можат да оставаат донации, тие ќе се наменети за ситни набавки.
„Искрено, бараме поддршка од компании и донатори за неговата одржливост. Ќе имаме библиотека на предмети – на пример, машини за чистење со вода под висок притисок, вертикална пегла на пареа, бормашини, и други алати и предмети кои ќе може да се изнајмат по симболична цена. Планираме и точење на средства без амбалажа (течен сапун, детергнет и сл) затоа што веруваме во живот со помалку пластика. Имаме и мини, концептуална, продавничка со зелени производи од социјални претпријатија – ова е само почеток“, потенцира таа.
Контра потрошувачката култура и „планираното застарување“
„АРНО“ и истомислениците веќе размислуваат и на менување на потрошувачката култура, ако се знае дека разни производи – телефони до фрижидери и чевли – се расипуваат по истекот на гаранцијата. Современиот економски систем и капитализмот ги тера луѓето да купат нов производ, иако постојните може да се поправат.
„Има термин што се вика ‘планирано застарување’. Значи, намерно се дизајнира производот да има краток рок. И, ова е светска иницијатива, со голем елемент за лобирање. Пример, батериите во телефон да мора да се менуваат. Да не постојат долготрајни принтери, кои после ограничен број копии ќе престанат да работат. И, тоа е тој капитализам, што намерно се прават производи со краток рок“, вели Јаневска.

Фото: АРНО
Според неа, луѓето ќе си речат „да, ми се скрши блендерот или тостерот и за 1.000 денари ќе купам нов, поевтино е, отколку да го поправам“.
„Иронијата е што ретко се гледа цената, што со тој предмет кога ќе заврши на отпад? Што е со ресурсите? Со работната сила, која работи во несоодветни услови? Значи, секогаш кога ќе купиме нешто ново, ние практично поддржуваме експлоатација на труд. Или, тој тостер за да се направи како нов, се користи вода, енергија, руда… Не е 1.000 денари ‘евтино’ за тостер, бидејќи не се гледа отпосле цената. Плус, со неможноста да се поправаат работи, изумираат еден куп занаети. Значи, веќе не се доживуваат како професија“, нагласува таа.
Токму од овие причини, изникнала европска иницијатива што се вика „Right to repair“, особено што е-отпадот е најбрзорастечки, а производителите се’ повеќе го отежнуваат поправањето на нивните производи и даваат разни услови.
„Поправките се доста скапи, тоа мора да го валидираме. Во Австрија, бев во Центар за поправки, таму 50% од поправките ги покрива државата. И, тоа е во рамки на движењето ‘Right to repair’, се лобира, и во Шведска, Франција… бидејќи свесна е државата ‘што со таа депонија’. И, се шири различна свест“, потенцира Јаневска.
„Ништо ново“ е дел до пошироко балканско движење
Санда Ракочевиќ, регионалната координаторка на ЕИЦЕЕ проектот (АДП Ѕид) ја пренесува регионалната перспектива:
„Овој Центар (‘Ништо ново’) е дел од пошироко движење кое се случува во Западен Балкан. Ние сме прегорди што во рамки на овој проект се отворија места за иновација, таканаречени ‘makerspaces’ во Подгорица, Ниш, Сараево, Печ – и со ова Скопје станува дел од мрежата што го поттикнува циркуларниот економски модел. Во Подгорица се прават лампи од стари винил плочи, прототипи на соларни панели од рециклирани елементи, со помош на 3Д печатачи, ЦНЦ машини. Во Скопје ќе имате можност да поправате“, вели таа.
Со претходен муабет со другите колеги од другите земји, и сега тука со Ирина и Антонио од „АРНО“, дошле до заклучок дека ова е само старт за нешто ново.
„Без оглед што проектот трае до средина на следната 2026 година, ова сепак е почеток. Бидејќи, циркуларната економија е основа за развој на политиките на Европска унија. А, како што сите сме во претпристапен процес, верувам дека ќе ни се отворат многу врати за поддршка“, заклучи Ракочевиќ.
Бојан Шашевски