Централната лабораторија сѐ уште не е акредитирана за ниту една метода за квалитет на воздух

Централната лабораторија за животна средина и теренски мерења минатата година не се акредитирала за ниту една метода за следење на квалитетот на воздухот. Состојбата со аерозагадувањето во многу делови во земјава, особено во поголемите урбани средини, ја наметнува потребата оваа државна институција да добие можност за мерење на изворите на загадување, со што ќе помогне и во следењето на квалитетот на воздухот, но и во соодветното извршување на казнената политика за загадувачите. Сепак, иако токсичниот воздух ни е секојдневие долги години со ред, оваа институција сѐ уште мака мачи да акредитира барем еден метод за воздух, пишува новинската агенција Мета.

Досега за лабораторијата се набавени се три инструменти за емисии од стационарни извори, на кои веќе се вршат мерења, но не по акредитирана метода. Во моментов, Централната лабораторија е акредитирана за дванаесет методи, од кои 11 се за квалитет на вода и една за бучава, а минатата година немало нови акредитации.

„Во текот на 2024 година Централната лабораторија имаше оценка за реакредитација на истите методи кои беа веќе акредитирани, односно по четири години од нивната акредитација. Иако лабораторијата врши мерење на емисии од стационарен извор на загадувачи, како и мерење на ПМ 10 честички, не е акредитирана за истите. Следењето на квалитетот на воздух го спроведува Македонскиот информативен центар за животна средина во МЖСПП“, велат од Министерството за животна средина.

Централната лабораторија пред повеќе од една година информираше дека акредитирањето за методи за воздух зависи од нови вработувања, бидејќи во оваа институција во моментов работат само осум вработени, од кои седум се со високо образование и еден со средно образование. Дел од нив веќе работат на инструментите кои беа набавени за мерење на емисии од стационарни извори на загадување. Тоа се гас анализаторот за мерење на составот на испуштените гасови, апаратот за мерење на температура и проток на гас и подвижната единица за земање на примероци во вентилациони канали и оџаци, кои иако се користат за мерење и анализа на емисии, со нив се работи по методи кои не се акредитирани.

За дополнителни инструменти и за акредитирање на методи услов се новите вработени. Од институцијата велат дека потребни се уште шест нови лица, кои и се предвидени, но не посочуваат дали ќе се реализираат годинава.

„Во 2024 година не се вработени нови лица. Сепак, предвидени се нови вработувања кои би се обучувале за мерење на емисии од стационарни извори“, велат од Централната лабораторија.

Сепак, оваа институција во 2023 година се соочи и со друг проблем. Иако беше најавено дека за 2024 година се планира да се акредитира за три методи за следење на квалитетот на воздухот, откако беа објавени два конкурси за вработување на по тројца извршители, се пријавија само двајца кандидати, од кои едниот не ги исполнуваше условите, а другиот се вработи.

За годинава, лабораторијата не информира дали и кога се планираат нови конкурси и нови акредитации. Еколошките здруженија во земјава одамна апелираа овој процес да се забрза бидејќи тоа е голем проблем за Државниот инспекторат за животна средина. Сегашните мерења на Централната лабораторија на разни параметри на загадувањето не можат да се сметаат за цврст доказ, посебно во судските постапки против загадувачите.

Мета.мк