Во верзијата на „Пријатели“ која се ре-емитува во Кина, укинати се сите геј сцени, пренесува „Гардијан“.
Минатата недела, бројни кинески стриминг платформи, меѓу кои и „Тенцент“ – популарна по изменетиот крај на „Фајт Клаб“, започнаа со ре-емитување на првата сезона од серијата „Пријатели“, која се појави на екраните во 1994.
Фановите кои започнале да ја гледаат серијата забележале дека недостасуваат неколку сцени, меѓу кои и оние каде Рос објаснува дека неговата поранешна сопруга, Карол, е лезбејка.
Истовремено, биле пријавени сечења и различни толкувања во преводот, особено во сцените со геј ликови, но и на места каде има сугестивни референци за стриптиз барови и оргазми.
На кинеската друштвена мрежа „Вибо“, цензурата на серијата станала една од популарните теми, а десетици милиони корисници ги отвориле хаштаговите.
„Покривањето на устата и ушите не значи непостоење“, напишал еден од корисниците на „Вибо“.
Но за кратко време, хаштаговите кои ја отвориле темата за цензура на „Пријатели“, биле избришани и заменети со темата „Зошто ‘Пријатели’ се толку популарни“?
Серијата „Пријатели“ има голема популарност во Кина, а претходно, во 2018, се прикажуваше онлајн и без цензура.
Во Кина во последните неколку години е забележан раст на цензурата во забавната индустрија, особено кога станува збор за „нетрадиционални фамилијарни вредности и култура“.
Во 2006 година започна забраната за прикажување на геј карактери на ТВ, како и претставување на вонбрачни заедници и врски за една ноќ.
Минатата година регулаторите порачаа телевизиите да го отфрлат прикажувањето на таканаречена „абнормална естетика“ и „мажи кои се женствени“.
Јавните профили со ЛГБТИ+ содржина, универзитетски групи и истражувања исто така станаа мета на цензурата.