Ковид-19 набавките сѐ уште изобилуваат со проблеми и ризици од корупција, соопшти Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) денеска и го објави Извештајот за јавните набавки за заштита од коронавирусот, изработен врз основа на длабински мониторинг на 40 постапки за јавни набавки на стоки, услуги и работи чии договори се склучени во првото полугодие од 2021 година.
Во извештајот се вели дека иако набавувале исти стоки, услуги и работи, отсуствува воедначеност меѓу институциите во описите на предметите на набавка што е случај и кај институциите со исти или слични потреби.
Цените на набавените стоки пак, се највисоки таму каде што имало само една понуда или останала само една понуда по исклучувањето на другите во фазата на евалуација. Па така, ЦГК забележува дека кај набавките на ракавици, таму каде што имало конкуренција, тие чинеле 2.43 денари, а во тендери во кои е добиена само една понуда ракавиците достигнале цена од 11.21 денар.
„Најчесто не постои зависност помеѓу цената и количината на набавените производи во смисла на тоа за поголема количина да се постигнуваат пониски цени и обратно. Па така 5.000 респираторни маски Н95 се купувани по цена од 9,73 денари, а 60.000 вакви маски по цена од 41 денар. Проценетите вредности на набавките често се неколкукратно повисоки од цените добиени на тендерите или од пазарните цени што укажува на нереално планирање на набавките кое може да биде ризично доколку намерно се остава простор за склучување договори по нереално високи цени со што ќе има и доволно пари за корупција“, се нотира во извештајот.
Во извештајот на Центарот за граѓански комуникации истовремено се забележува дека во ниту една од мониторираните постапки за јавна набавка не е почитувана законската обврска за детално образложение за потребата од набавката, во смисла на објаснување, зошто на институцијата ѝ се потребни конкретните квалитет и количина од предметот на набавка.
„Во некои тендери, дискриминаторски елементи се прикриваат токму во деталните и обемни описи на предметот на набавка, иако стандардот што го наведуваат во себе секако ги вклучува сите тие карактеристики. Во 20 % од тендерите имало исклучување на понуди, во кои од вкупно 93 понудувачи исклучени се 26, односно 28 %“, стои во извештајот на ЦГК.
Во делот пак на реализацијата на договорите за јавни набавки, од ЦГК велат дека фокусот се става на материјално-финансискиот аспект, а многу помалку на квалитетот на примените предмети на набавка. Тие додаваат дека се забележани случаи и на набавки на количини кои се значително повисоки од планираните.
Мониторираните постапки претставуваат 38% од сите Ковид-19 тендери во периодот на мониторинг, а нивната вредност од 5.7 милиони евра е 36% од вредноста на сите Ковид-19 тендери во анализираниот период, посочуваат од ЦГК.