Државните институции склучиле договори за јавни набавки со приватни фирми за механизација, работници, сол и ризла за одржување на улиците и патиштата во зимски услови за сезоната 2021-2022 година во вредност од 8 милиони евра или половина милијарда денари, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).
Досега, како што додаваат од ЦГК склучени се 69 договори за зимско одржување на улиците и патиштата и за набавка на сол и ризла, а во 5 постапки за јавни набавки сѐ уште не е објавено известувањето за склучен договор.
Оттука, тендери за зимско одржување на улици и патишта имале 36 општини и Град Скопје, 6 локални јавни претпријатија, државното јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта – Скопје, АД Електрани и Министерството за внатрешни работи.
„Најголеми договори по вредност, како и претходните години, има Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта. За одржување на патиштата во зимски услови со ангажирање на механизација и за набавка на сол и ризла, ова јавно претпријатие во оваа зимска сезона ќе потроши 317 милиони денари, односно 5,2 милиони евра. Ова е 65% од вредноста на вкупните договори за зимско одржување во земјава. Ова претпријатие има вкупно девет договори за јавни набавки за оваа намена и тоа пет се склучени годинава, а четири се склучени 2020 година за период од 2 години“, се додава во истражувањето.
Од ЦГК велат дека според вредноста на договорите за зимско одржување на улиците следна институција е Град Скопје која минатата година има склучено договори за чистење на улиците и за сол кои траат и годинава, во вкупна вредност од 1.4 милиони евра, односно по околу 700.000 евра годишно.
Истовремено, покрај Град Скопје, тендери за набавки на услуги за зимско чистење на улиците имале и 9 други скопски општини. Заедно со Град Скопје имаат склучено договори во вредност од 1.5 милиони евра.
„Од другите општини, најмногу пари за зимско одржување планираат да потрошат Прилеп, Куманово и Струга. Прилеп – 195 илјади евра, Куманово 146 илјади евра и Струга 98 илјади евра. Општините Тетово и Кичево, кои имаа најголеми износи за овој вид на договори претходната година, сѐ уште немаат склучено договори за оваа зимска сезона. Тендерот на Општина Тетово е поништен, а постапката на Општина Кичево е во тек“, додаваат од Центарот.
Во повеќе од половина од тендерските постапки добиена е само една понуда, а просечниот број понуди по тендер е 1.7, посочуваат од ЦГК. На прво место според бројот на договори пак, е скопската фирма КИ-ЕМ која има 7 договори за продажба на индустриски сол во вредност од 388.049 евра.
Според вредноста на тендерите, други пет компании се носители на најголемиот дел од колачот, додаваат од ЦГК.
„На врвот е Димакс рудници од Демир Хисар со четири тендери во вредност од 7 милиони евра за две години или по 3,5 милиони евра на годишно ниво. Три договори се склучени со Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта – Скопје, и се однесуваат за набавка на индустрсика сол, ризла и механизација за превоз на ризлата, и еден договор е склучен со Општина Битола за набавка на ризла. На второ место е Аполо Инженеринг со два договори, и тоа едниот склучен со Град Скопје во вредност од над 1 милион евра за две зимски сезони, а вториот со Општина Сарај во вредност од 48 илјади евра“, покажува истражувањето на Центарот.
Вкупната сума на трошоци за зимско одржување, од ЦГК додаваат дека сигурно ќе биде и поголема, ако се има предвид дека за шест тендери сѐ уште не се објавени склучените договори и нивните износи.
Во истражувањето се опфатени тендерите на сите институции на централно и локално ниво спроведени во текот на 2021 и 2022 година за зимско одржување на улици и патишта, како и тендерите спроведени во 2020 година но со рок на важност на договорите од две години со кои всушност се покриваат трошоците за зимско одржување за 2021 и за 2022 година, посочуваат од ЦГК.
Целото истражување и базата на податоци се достапни на следниов ЛИНК.