Во кафе-книжарницата „Буква“ во петок, 2 февруари, од 18 часот ќе се случи третиот роденден на ова скопско место кое веќе стана претпознатливо свртувалиште на алтернативната и книжевна сцена.
„Повеќе од илјада денови ‘Буква’! Три години, во секоја со неколкукратно повеќе настани од бројот недели, често блиску до вкупниот број денови во годината, меѓу кои не е еден, ниту три, ниту триесет и три, туку многу повеќе – во кои имавме дури и по три настани. Со сопствени сили, со денови и ноќи, со љубов и жар! И со многу верни другари и другарки, кои во ‘Буква’ се повеќе од гости! Сè за целата азбука на културата во Скопје, од А до Ш. Со нив, со вас, драги бувки, го славиме третиот роденден на 2.2“, стои во најавата за настанот.
На роденденот ќе настапуваат „Чалгија саунд систем“: Добрила Грашеска – вокал, Александра Кузман – виолина Дориан Јовановиќ – ут, Бошко Мангаровски – канон и Давид Горгиев – перкусии.
„Стој, После!“, пак, е соло проект на Мартин Џорлев.
„Заокружете го датумот, втори февруари! Три години под трите брези“, се вели во најавата.