Часови по албански јазик во СЦ „Дуња“ од 11 февруари

Во социјалниот центар „Дуња“ повторно ќе се држат часови по албански јазик два пати неделно, во вторник и четврток, почнувајќи од 11 февруари во 19 часот.

„По успешно завршениот прв степен на првата група која посетуваше часови по албански јазик во ‘Дуња’, и поради интересот на многу другари и другарки кои подоцна дознаа за часовите и не можеа да се вклучат во првата група, одлучивме да се формира нова група за часови по албански јазик. Часовите се наменети за сите кои имаат желба да научат албански јазик“, велат од „Дуња“.

Како што појаснуваат оттаму, на првиот час ќе бидат споделени повеќе детали околу часовите. Заинтересираните може да се пријават преку порака до социјалните мрежи на СЦ „Дуња“ или на лице место пред почетокот на првиот час.

„Ќе се изненадите од тоа колку зборови веќе знаете на албански. Како балкански народи делиме слични култури, навики па дури и вокабулар“, истакнуваат од Социјалниот центар.

Плаќањето е уредено по принцип на донации.