Часовникот за „крајот на светот“, преку кој научниците веќе 75 години илустративно одбројуваат колку блиску сме до уништување на човештвото, остана на 100 секунди до полноќ трета година по ред.
Ова време е најлошо во историјата и е поблиску до полноќ (што симболички би претставувало крајот на човештвото) дури и од периодот на Студената војна и Кубанската ракетна криза.
Научниците кои го одржуваат овој настан велат дека одлуката да не го поместат часовникот ни напред ни назад отсликува дека изминатава година се направени одредени позитивни чекори, кои пак се неутрализирани од продолжувањето на развивањето нуклеарни оружја, климатската криза и растот на биолошките закани.
„Часовникот за крајот на светот е стабилен на 100 секунди до полноќ. Но, стабилноста не е добра вест. Всушност тоа го отсликува судот на нашите научници дека сме заглавени во опасен момент. Момент кој не носи ниту сигурност ниту безбедност“, вели Шерон Скасони, професорка на Универзитетот „Џорџ Вашингтон“ и копретседателка на управниот одбор на научното списание „Bulletin of the Atomic Scientists“, кои ја создадоа оваа направа уште во 1947 година.
Меѓу позитивните работи кои научниците ги издвоиле се одлуката од минатата година за продолжување на договорот за контрола на оружјето меѓу Русија и САД, рестартирањето на преговорите со Иран за нивната нуклеарна програма како и доаѓањето на власт во САД на администрација која верува во климатската наука и ветува дејствување за намалување на глобалните емисии.
Но, наспроти овие трендови, научниците додаваат дека големите сили и понатаму инвестираат во нивниот нуклеарен арсенал. Дополнително истакнуваат дека нема голем прогрес во дискусиите со Иран, како и тоа дека постои недостаток на глобална акција за справување со климатската криза. Од управниот одбор ги посочија и биолошките опасности во текот на пандемијата со Ковид-19.
„Bulletin of the Atomic Scientists“ е основано на Универзитетот во Чикаго од група научници кои помогнале во развој на првите атомски оружја. Денеска, групата вклучува физичари и еколози од целиот свет, кои одлучуваат дали е потребно да се промени изгледот на часовникот во консултација со 15 нобеловци.