Компанијата Аксел Спрингер, издавачот на Бизнис Инсајдер и Политико, склучи партнерство со ОпенАИ која ќе му плаќа на германската медиумска групација за да добие дозвола да сумира актуелни вести во одговорите кои ги дава нивниот најпопуларен чет-бот во светот, „ChatGPT“.
Од компаниите соопштија дека корисниците на „ChatGPT“ низ светот ќе добиваат скратени форми на избрани глобални новински содржини од медиумските брендови на Аксел Спренгер, во чија сопственост е и германскиот таблоид Билд. Одговорите на чет-ботот ќе вклучуваат материјали за кои пошироката јавност треба да се претплати и ќе нуди линкови до целосни вести за транспарентност и понатамошни информации, додаваат од компаниите.
Ова е историски прв договор помеѓу медиумска куќа и компанија за јазични системи базирани на вештачка интелигенција (ВИ).
„Сакаме да ги истражиме можностите на новинарство засилено со ВИ. Квалитетот, општествената релевантност и бизнис моделот на новинарството да го ставиме на ниво повеќе“, изјави директорот на Аксел Спрингер, Матијас Дофнер, кој во претходни наврати предупредуваше дека ВИ се заканува да го „замени“ новинарството.
Другите медиумски компании досега се одлучуваа за сосема поинаков начин, блокирајќи ги нивните содржини од ВИ системите кои се хранат со такви податоци, а потоа ги користат за давање одговори на корисниците. Си-Ен-Ен, Њујорк Тајмс, Дизни, Блумберг и Гардијан го имаат блокирано „ChatGPT“ од преземање на нивни содржини со кои чет-ботот се тренира за тоа како луѓето пишуваат. ОпенАИ досега се соочи со повеќе тужби поради наводно користење на заштитени авторски права за тренирање на нивниот чет-бот, што компанијата го негира.
Претходните верзии на ChatGPT можеа да генерираат одговори базирани на податоци кои единствено вклучуваа информации од 2021 година и претходно. Последниве месеци ОпенАИ презема чекори со цел да ги усоврши можностите на чет-ботот со вклучување повеќе актуелни информации.
ВИ чет-ботовите како што е „ChatGPT“ имаат можност да генерираат есеи, поеми и други видови содржини за неколку секунди, но сепак постојат стравувања дека ботовите може да рециклираат и шират лажни, нелогични или нападни содржини во нивните одговори на корисничките барања, или таканаречени „ВИ халуцинации“.