Медиумските работници се сведени на економски робови на бизнис и политичките центри на моќ, кои владеат со медиумскиот сектор во Македонија, вели претседателката на Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници, Тамара Чаусидис.
Во интервју за Радио МОФ, Чаусидис вели дека во ситуација кога најмалку 840 новинари останаа без работа во последните неколку години, а и оние кои се вработени најчесто се непријавени, без здравствено и пензиско осигурување, се водат како хонорарци, иако секој ден работат повеќе од осум часа, не може да се говори за слободни новинари.
„Формулацијата ‘никогаш не било полошо’, за жал премногу често и премногу долго е присутна во медиумската заедница, што значи дека станува збор за еден континуиран надолен пад, особено од аспект на економската и социјалната положба на луѓето ангажирани во медиумите“, додава таа.
Според Чаусидис, пред невозможна мисија се наоѓаат и помладите новинари, кои се губат меѓу полтроните и его манијаците, кои медиумот го сметаат како можност за некаква егзибиционистичка промоција.
„Новинарството е активизам, новинарот по природа на работите сака да го менува светот во насока на вистинските вредности како толеранцијата и демократијата…Не дека ги нема тие млади луѓе, ги има, но тие се скршени на почетокот и без оглед колку се обучени, сето тоа што го учат по факултетите паѓа во вода кога ќе се соочат со суровата реалност во редакцијата, каде уредникот практично им кажува и што да пишуваат, и што да мислат. Младите новинари, оние малку што ги има, се навистина соочени со невозможна мисија“, додава таа.
Целото интервју со претседателката на ССНМ, Тамара Чаусидис ќе може да го слушнете утре во емисијата „Сонувај слободно“ во 17:00 часот на Радио МОФ.
Кристина Озимец