Челси Менинг не планирала да ги сподели владините документи со јавноста се додека не видела како нејзините сограѓани Американци не биле заинтересирани за војните во Ирак и во Авганистан, за време на нејзиното двонеделно отсуство од воената база во близина на Багдад.
Менинг ја напуштила базата откако нелегално ги презела извештаите на американската војска од војните и несигурна за тоа како таа ќе ги искористи информациите, собрани откако поминала часови како претставник од разузнавачката служба, гледајќи видеа читајќи извештаи за битките, додека бомби експлодирале во далечината.
„Имаше два света”, изјави Менинг во интервју за „Њујорк Тајмс“.
„Светот во Америка и светот што го гледав [во Ирак]. Сакав луѓето да го видат она што го гледав“.
Менинг, 29, вели дека се обидела да се јави во „Њујорк Тајмс“ и да разговара со новинар во „Вашингтон Пост“ за време на овој период, но ниту еден весник не бил доволно брз за да одговори, така што информациите ги предала на Викиликс, кој се здружи со новински организации вклучувајќи го и „Гардијан“ за да ги споделат протечените информации.
Менинг рече дека дознала за Викиликс за време на обука за безбедност во 2008 година и започнала онлајн разговор со луѓе за сајтот во 2009 година Таа ги разликува своите ставови за протекување од организацијата, која пропагира целосна транспарентност.
Таа и тогаш и сега верува дека „постојат многу работи кои треба да се чуваат во тајност”.
„Ајде да се заштитат чувствителни извори”, рече Менинг. „Да ги заштитиме движењата на војниците. Да ги заштитиме информациите за нуклеарната програма. Да не се скријат погрешните чекори. Да не се скријат заведените политики. Да не се скрие историјата. Да не се скрие она што сме и она што го правиме“.
Таа на Викиликс му го предаде видеото насловено „Колатерален убиец“, кое покажа дека армијата на САД убила десетина невооружени цивили, меѓу кои и двајца вработени на Ројтерс. Менинг беше уапсена набргу по пуштањето на видеото и не била свесна за последиците од одлуката, се додека не била пренесена во морската база во Квантико, Вирџинија – четири дена откако „Гардијан“ го објавил материјалот за Авганистан. Во Квантико сфатила дека е меѓународно позната кога војник го знаел нејзиното име и рекол дека таа била на сите вести.
Менинг зборуваше со „Њујорк Тајмс“ осум дена откако беше ослободена од воен затвор – седум години од 35-годишната затворска казна што Барак Обама ја намали во јануари.
Во интервјуто, исто така, за првпат јавно се појавува како трансродово лице, потег кој го направи по речиси две децении борејќи се нејзиниот идентитет да биде признаен од страна на семејството, пријателите и нејзиниот работодавач.
Менинг вели дека таа за првпат прикажала женски идентитет на пет години кога ја носела облеката на нејзината сестра и ја употребувала нејзината шминка. Таа излезе како геј во основно училиште и била изложена на силеџиство.
Таа се преселила со нејзината мајка во Велс во 2001 година, откако нејзините родители се разделиле и вели дека имала повеќе слобода да носи шминка и да го поминува времето во ЛГБТ клубови. Школувањето,исто така, било извор за политичкото будење како што учела за американската историја и станала скептична за американската инвазија на Ирак.
Таа се вратила во САД во 2005 година и соопштила дека ќе се приклучи на војската поради патриотизам и структурата што видела дека дава живот кај нејзиниот татко.
„Јас само чувствував дека можеби би можела да направам разлика”, рече таа.
Таа посетила основна обука и курсеви за разузнавање пред да ја распоредат во Ирак.
„Ги видов сликите девет или 10 месеци претходно”, вели Менинг. „Ги знаев пејзажите, од воздух ги препознавам овие населби, и тоа ме разбуди, да ги гледам луѓето како шетаат наоколу и да ги гледам луѓето како возат и да ги гледам зградите и дрвјата“
„Во одреден момент”, рече таа, „Јас престанав да гледам снимки и почнав да ги гледам луѓето.”
Таа рече дека нејзиното време во Ирак ја трансформирало, и истиот период на отсуство од две недели кога ги обелодени владините документи, и овозможил да се шета во Вашинготн, отворено идентификувајќи се како жена.
„Да се биде изложен на толку многу смрт на дневна основа прави да се соочите со сопствената смртност”, рече таа.
Менинг сега се прилагодува на животот, додека нејзиниот агент се обидува да најде издавач за нејзините мемоари од 300-страници. Таа ќе се појави во документарецот „XY Chelsea“ оваа есен, во режија на Лаура Поитрас, режисерката на која Едвард Сноуден се довери во 2013 година.