Четботот со вештачка интелигенција на компанијата Гугл – „Бард“ од вчера стана достапен и во Македонија.
„’Бард’ сега е достапен на над 40 нови јазици, вклучувајќи арапски, кинески, германски, хинди, шпански и многу повеќе. Го проширивме и пристапот до повеќе места, вклучувајќи ги сите 27 земји во Европската Унија и Бразил“, се посочува во новитетите за четботот.
Иако тој е достапен и во Македонија, засега не постои негова верзија на македонски јазик.
„Бард“ беше развиен како директен одговор на подемот на популарниот четбот „ЧетГПТ“ на компанијата „OpenAI“.
Некои од главните разлики меѓу двата четбота се тоа што „Бард“ постојано црпи информации од интернет и не е лимитиран како „ЧетГПТ“ до 2021 година. Но, и тоа што „ЧетГПТ“ нуди и платена верзија на сервисот, наспроти „Бард“. Се разликуваат и јазичните модели, па така, „Бард“ се базира на PaLM2, додека „ЧетГПТ“ се базира на „GPT-3.5“.