Со претставата „Баскет ќес“, во изведба на атрактивната Иман Лизразу од САД, на 4 октомври (сабота), на големата сцена на Универзална сала-Скопје, ќе биде означен почетокот на единствениот фестивал на пантомима и физички театар „ПАНФИЗ“ 2014.
На програмата оваа година, се застапени четири ексклузивни театарски претстави кои го негуваат пантомимскиот и физички театарски израз.
– Годинешното издание на фестивалот се одржува во соработка со пријателите од Независната продукција „Театар 007“ и Универзална сала од Скопје. Фестивалот се реализира со скромни 200 илјади денари, кои за ваков фестивал се навистина малку за непречено одвивање. Секако, дека и покрај сите објективни пречки со кои се соочуваме во текот на реализацијата, среќни сме што и оваа година, на публиката ќе можеме да им понудиме исклучително квалитетни претстави од областа на пантомимата и физичкиот театар, истакна Трајче Ѓеорѓиев, организатор на фестивалот „Панфиз“.
На 5 октомври (недела), на програмата е претставата „Проклетството на Виктор и Викторија“, во режија на Војо Цветановски, а во изведба на познатиот пантомимчар Дарко Велјиќ и актерката Марија Бејкова. Третата фестивалска вечер е резервирана за гостите од Велика Британија, односно „Невидливиот ансамбл“, кои ќе гостуваат со претставата „Месечев човек“, а последната вечер е посветена на Стефан Руксанда, од Романија кој ќе ја раскаже својата „Приказна без зборови“.
– Ме радува фактот што фестивалот „Панфиз“ се одржува со подадена рака на голем број наши пријатели, како што е и ИТФ „Лица без маски“. Посакувам во наредните години со заеднички сили да работиме на создавање заедничка фестивалска програма со овој фестивал и сет тоа да биде впечатливо, истакна Снежана Коневска-Руси, организатор на фестивалот „Панфиз“.
Свеченото отворање на претставата ќе биде на големата сцена, а останатите три претстави ќе се одржат на Малата сцена на Универзална сала-Скопје.
– „Театар 007“, со последното издание на ИТФ „Лица без маски“, покажа дека „Малата сцена“ на Универзална сала, каде работи нашиот театар, е простор во кој може да твори секоја независна продукција. Соработката со „Панфиз“ е продолжение на нашите напори, со здружени сили да создаваме квалитетна програма, на задоволство на сите љубители на театарот, истакна Миодраг Костиќ, продуцент на „Театар 007“.
Фестивалот „Панфиз“ и оваа година, како и во претходните шест изданија, ќе додели награда за најдобра претстава, која оваа година е под покровителство на Антонија Цветанова и Росен Пацов од Р. Бугарија.