Туристичката автобуска линија на ЈСП Скопје веќе четири години не функционира. Панорамските автобуси за линијата сега веќе се пуштени во употреба за да се пополни недостатокот на автобуси во јавниот превоз, каде фалат околу 40-50 автобуси за летниот возен ред, односно 100 автобуси за зимскиот од септември. Во меѓувреме, од туристичкиот сектор сметаат дека ваквата линија е од нужна потреба, а од ЈСП најавуваат дека активно работат за нејзино повторно заживување, согласно нивните постоечки капацитети.
Промоција на културните и туристичките знаменитости на главниот град беа во фокусот на туристичката автобуска линија која сообраќаше на рута од порта „Македонија“, Соборен храм, мостот „Гоце Делчев“, комплексот музеи, Старата чаршија, црквата „Свети Спас“, Калето, па до Старата железничка станица. Линијата беше овозможена преку 15-ина панорамски автобуси, набавени пред околу една деценија од кинескиот производител „Јутонг“, кога беа набавувани и останатите даблдекери, со што возниот парк на ЈСП вкупно броеше 350 автобуси.
Но, веќе четири години, оваа линија е надвор од употреба и не може да се вклучи во туристичката понуда на градот, налик туристичките линии во главните градови на останати европски престолнини. Причината беше коронавирусот.
Па така, на 13 март 2020 година оваа линија се укина, тогаш наведувајќи од ЈСП дека таа „нема да сообраќа во наредниов период, односно до идните одлуки согласно препораките и мерките за заштита и превенција од коронавирусот“. Но, наредниот период сè уште не е дојден и по четири години од укинувањето на линијата.
Неодамна, наменските автобуси со отворен кров за туристичката линија беа вклучени во јавниот превоз во Скопје. Од ЈСП за Радио МОФ потврдија дека тие се вклучени во сообраќај поради недостиг на доволна бројка автобуси. Па така, низ Скопје може да се забележат вакви автобуси кои сообраќаат на линиите 4 и 7.
Ваква туристичка линија е од нужна потреба и е неопходна за презентација на градот, смета Елвир Садиковиќ, потпретседател на Македонската асоцијација на туристички водичи и придружници (МАТВП).
Но, дополнително смета дека и линијата која функционираше до 2020 година не работела според одредени стандарди.
„Како асоцијација се залагаме прво да имаме едуцирани туристички водичи, секако и дека автобусот кој што треба да сообраќа по некоја линија во градот Скопје, таа треба да биде добро осмислена за странските туристи, а понекогаш и домашните туристи имаат можност да ги видат убавините на градот Скопје, а во исто време и дел од некои културно историски споменици кои што се наоѓаат во некоја рута приближна од каде што би можеле да се видат“, вели Садиковиќ за Радио МОФ.
Тие имаат предлози за како линијата, односно разгледот на градот да се направи поефективен и според нив, тоа треба да биде предмет на расправа, со цел да можат да се видат и други точки од градот кои ќе бидат интересни за странските и домашните туристи.
Потпретседателот на МАТВП истакнува дека ЈСП како јавно претпријатие нема познавања во таа област, додавајќи дека затоа се тие тука, како асоцијација и туристички водичи, кои, како што вели, нон-стоп се присутни на терен да помогнат со идеи и предлози.
„Ние би стапиле во контакт и би им дале предлог евентуално за како да се подобри таа рута, тој разглед на град Скопје да биде поефективен и поубав“, вели Садиковиќ.
Организирани автобуски туристички линии, како што истакнува тој има во Белград, Сараево, Атина и во други европски градови, посочувајќи дека тие секако се поорганизирани за разлика од Скопје.
Садиковиќ истакнува дека ги имаме сите потенцијали и сите можни работи кои можат да се прикажат, но, како што вели, за жал нема организација, односно систем на функционирање кој ќе биде ефективен.
„Заради тоа, ние како Македонска асоцијација се трудиме да ги поттикнеме и да им укажеме на институциите дека сепак, не можат да носат некои одлуки, ако немаат познавање од таа дејност или од таа област. Заради тоа, ние со конкретни предлози им укажуваме на некои работи кои можат да се подобрат и да бидат значи, можам да кажеме да се прикажат во подобро светло, а секако да се подобри и таа услуга на странските туристи. Бидејќи, во минатиот период, и во медиумите имаше, странските туристи кои доаѓаат имаат многу поплаки, па дури и пишуваат за наредните луѓе или гости кои ќе доаѓаат да ја избегнуваат Македонија. Тоа е еден катастрофален пораз, не само за градот Скопје, туку општо за целиот туристички сектор и за нашата држава“, вели Садиковиќ.
За ваквиот имиџ меѓу странците, Садиковиќ вели дека придонесуваат повеќе фактори, како нарушената хигиена, бездомните кучиња, неосветлувањето на градот, како и немањето јавни тоалети.
Од ЈСП Скопје, во меѓувреме, се децидни дека со новото раководство активно работат и ги разгледуваат можностите за повторно заживување на линијата согласно нивните постоечки капацитети и најавија дополнително информирање на јавноста доколку се дојде до позитивно решение во иднина.
„ЈСП Скопје успешно ја реализираше автобуска туристичка линија ‘Skopje City Tour’, која сообраќаше двапати во текот на денот од 11:00 и 13:00 часот во зимскиот временски период и од 11 и 17 часот во летниот временски период. Немаше друга промена на возниот ред освен редовната согласно промена на временскиот период. Вработени беа двајца лиценцирани туристички водичи, кои разгледот на градот го правеа по утврдена маршута и на различни странски јазици. За реализација на турата била потребна бројка од минимум пет патници. Искористеноста на оваа линија била релативно мала, освен во случаите кога има престој на странски туристи во градот“, велат од ЈСП.
Патниците на линијата можеа да се возат со билет за едно возење кој чинеше 35 денари, а кој се купуваше во самото возило, како и со неперсонализирана електронска картичка, која чинеше 150 денари, а каде беа вклучени 2 гратис возења. Билетите се набавуваа и во билетарниците на ЈСП.
Мартин Колоски