Четири концертни вечери на фестивалот „Златна лира“

Четири концерти се на програмата на седмиот Фестивал на музичките уметници на Македонија „Златна лира“, кој ќе се одржува од 16 до 25 октомври. Во фокусот на фестивалот, посветен на камерната музика од македонски автори, оваа година се изведбите на дуети.

На отворањето, вечерва (16 октомври) во Музеј на град Скопје ќе настапат виолинистот Љубиша Кировски и пијанистката Маја Шутевска-Кировска, кои премиерно ќе изведат дела специјално за нив напишани од композиторите Елизабета Илиевска-Бете и Тодор Трајчевски, како и балетска свита од „Ромео и Јулија“ на Прокофјев и соната од Џон Корлиано.

фото: РСЕ

На 23 октомври е концертот на кларинетистот Бранко Павловски и пијанистката Наташа Трбојевиќ, кои ќе изведат дела од Моке, Рабо, Сен-Санс, Кајзак, Месаже и од Вања Николовски-Ѓумар. Фестивалот ќе заврши на 25 октомври со концерт на флејтистот Страшо Темков и пијанистката Марија Вршкова, со дела од Бранѓолица, Вања Николовски-Ѓумар, Хиндемит и премиерна сонатина од Елтон Бартон.

Во склоп на „Златна лира“ ќе биде и традиционалниот концерт на студентите од вокално-инструменталниот оддел на Факултетот за музичка уметност, на 17 октомври на ФМУ.

Покрај музичкиот дел, фестивалот ќе биде збогатен и со промоција на книгата „Мојот живот во музиката – спомени за развојот на класичната музика во Македонија“ од долгогодишниот концерт-мајстор Ѓоко Николовски.

Организатор на „Златна лира“ е Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ), чиј претседател Љубиша Кировски вели дека оваа година дуетите се во преден план и дека треба да има повеќе простор за камерното музицирање на македонските сцени.

– Повеќе се протежираат странски уметници. Македонските треба да бидат многу позастапени. Немаат шанса да настапат на концерт по заслуга, на пример со Македонската филхармонија, луѓе кои се посветиле цел живот и кои имаат успеси и надвор од земјата, вели Кировски.

Фестивалот опстојува на ентузијазмот на членовите на СМУМ зашто е скромно поддржан од Министерството за култура, годинава со 100.000 денари. Од минатото издание наместо во декември се одржува во октомври, затоа што во салата во Музејот на Град Скопје нема греење. 

Извор