Четири синдикати потпишаа Повелба за солидарност

Фото: ССНМ

Фото: ССНМ

Вознемирени од негативните трендови на влошување на условите за работа на работниците во сите сектори, како и од отворените анти – синдикални активности  што земаат замав, четири синдикати денеска потпишаа Повелба за солидарност.

Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници, Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани, Самостојниот синдикат на клиничките центри и Синдикатот на македонската дипломатска служба, ставија потпис на Повелбата, која се залага за заедничко спротивставување на нарушувањето на работничките права.

„Потписниците се посебно алармирани од распадот на правниот систем кој е предуслов за функционирање на кое и да е демократско општество. Нехуманата политика спрема најголемиот број вработени и во јавниот и во приватниот сектор, преку редица крајно неосновани дисциплински постапки, кулминира во апсурдни кривични постапка туку воопшто целиот правен систем на Македонија“, се вели во Повелбата.

Претседателката на ССНМ, Тамара Чаусидис, вели дека очекува Повелбата да биде почеток на напуштање на сликата за синдикатите како некакви бирократизирани елити.

„Ова е враќање кон она што е наша фундаментална активност, а тоа е промоција, заштита и борба за правата на работниците. Работници се и новинарите и професорите, лекарите, државната администрација, сите тие се соочуваат со ситуации во кои што нивниот труд се обезвреднува и се исплашени од нивната социјална и економска иднина и поради тоа се и замолчени“, додава таа.

Синдикатите најавуваат формирање на Координативно тело кое ќе ја информира јавноста, институциите и сите синдикати во Македонија, за подигање на свеста за работничките права и добивање на максимална поддршка за нивните активности.

К.О.