Четири стипендии за додипломски или постдипломски студии од различни области на Пенџаб Колеџот за техничко образование во Индија, ќе бидат доделени на македонски студенти за академската 2014/2015 година, соопштуваат од министерството за образование и наука.
Стипендиите ги доделува групата на институти од Пенџаб Колеџот за техничко образование (Punjab College of Technical Education) од Индија, за следните програми за додипломски студии: редовни студии за авијатика, туризам и угостителство; студии за бизнис администрација; студии за компјутерски апликации; студии за трговија; студии за биотехнологија, редовни студии за туризам и угостителство; студии за фармација, како и за следните програми за постдипломски студии: информациска технологија; компјутерски апликации; менаџмент; бизнис администрација; или суперспецијализација по меѓународен бизнис.
Понудените четири стипендии ја покриваат целосната школарина за студирање, со тоа што на еден од избраните стипендисти целосно ќе му бидат покриени и трошоците за сместување и исхрана, на еден ќе му бидат покриени 75% од овие трошоци, а останатите две стипендии покриваат 50% од трошоците за сместување и исхрана.
Краен рок за пријавување на кандидатите e 1.6.2014 година.
Подетални информации за условите, критериумите и формуларите за аплицирање може да се добијат на страната на Пенџаб Колеџот за техничко образование www.pcte.edu.in, или на порталот за стипендии: www.stipendii.mon.gov.mk .