Здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“ со поддршка на Општина Струмица на 24 мај (утре, понеделник), со почеток во 18 часот во Градскиот парк во Струмица го организира 14-то издание на „Роднокрајни поетски средби“ во чест на „Св. Кирил и Методиј“, денот на сесловенските просветители.
Поети учесници на ова издание на „Роднокрајни поетски средби“ се: Никола Маџиров, Вања Изова Велева, Сузана Мицева, Ице Беличев, Мариета Дукиќ, Македонка Маџирова, Митко Гогов и Катерина Панов Кожаров, а воведната реч ќе ја има Ацо Гогов.
Според Здружението, станува збор за поетска манифестација која редовно се одржува на различни локации во Струмица и струмичко и истата има за цел да ги промовира домашните автори по еден сосема уникатен и неформален начин, со помош на интеракција и слободен пристап.
„Секој што пишува или има што да каже може да биде дел од овие средби, во иднина оваа манифестација ќе го прошири самиот формат, па освен поети, ова е идеално место да се претстават и луѓе кои се занимаваат со перформанс, stand up, слем поезија, free style изразување, MC-a и што уште не. Да се биде отворен кон сите нови форми на интерпретација е од исклучителна важност, со проширувањето на кругот на учесници ќе се создаде уште поширокогледа платформа“, соопштува „Контекст – Струмица“.
„Роднокрајни поетски средби“ досега биле домаќини на повеќе од 50 локални автори и 10тина етаблирани поети од Македонија и странство.
„Овој настан има за цел да ги зближи роднокрајните автори и да креира јадро за запознавање, презентација и промоција на истите, истовремено да и понуди на публиката автори од Македонија и странство кои досега не настапувале во градот, а ја имаат желбата тоа да го направат пред публиката која со будна уво и душа е спремна да го чуе секој нов стих напишан од оние кои се презентираат“, велат од Здружението.
Самата цел на настанот е доближување на творештво поблиску до читателите и афирмација на роднокрајното творечко перо.