Четирите нови министерства формирани без јавна дебата уште повеќе ја разнишуваат довербата во институциите

Четири нови министерства, или вкупно 20, во новата Влада на Христијан Мицкоски се резултатот од измените и дополнувањата на Законот за организација и работа на органите на државната управа, кои беа донесени во очи на изборите годинава, пишува Новинската агенција Мета.

Реорганизацијата на извршната власт помина во избрзан процес и без јавна консултација, што кај експертите и јавноста остави впечаток дека се работи за непромислена реформа, за која не е направена издржана анализа за тоа кои се нејзините бенефити и потребата од зголемувањето на бројот на државната администрација, како и колку оваа реорганизација ќе го оптовари буџетот.

Со измената на законот, предложена од тогашниот пратеник Христијан Мицкоски, се формираа Mинистерствo за спорт, Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, Министерство за дигитална трансформација  и Министерство за администрација, а некои од министерствата се реорганизираа, како што е случајот со министерствата за економија и труд, за социјална политика, демографија и млади и Министерството за култура и туризам.

Професорот по административно право и јавна администрација на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, Драган Гоцевски смета дека, иако процедурата на измената на Законот за организација и работа на органите на државната управа е легална, сепак, не само што помина избрзано, туку и се истакна со ароганција и злоупотреба на екстремната комоција која ја нуди двотретинското мнозинство во Собранието. Гоцевски вели дека не е првпат да се користи ваков скратен пат за менување закони, а последен пат тоа го искористила претходната влада за истиот овој закон кога се формираше Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, на предлог на седум пратеници.

„Доколку овластен предлагач на измени и дополнувања на некој закон е Владата или граѓани тогаш процедурата предвидува јавни консултации и очекуван фидбек од јавноста за предлогот што треба да се достави до Собранието. Но, доколку предлагач е пратеник, а доволно е да е само еден, тогаш претседателот на Собранието мора да обезбеди расправа во матичната комисија и потоа предлогот да го стави на гласање пред пратениците. Законот предвидува дека треба да се побара мислење од Владата, но тоа ниту мора да се чека, ниту пак да се прифати“, вели Гоцевски.

Разликата во двата случаи на менување на овој закон е што во последниот пред изборите имаше техничка Влада, со намалени ингеренции, сè се случи многу брзо, а законот беше разгледан за неколку часа и се донесе среде ноќ.

„Измените и дополнувањата на Законот за организација и работа на органите на државната управа, беа донесени без консултации со засегнатите страни, без да се обезбеди мислење од стручната јавност, без претходна длабинска анализа за оправданоста при формирањето нови три односно пет министерства, и затоа може да има сериозни последици врз функционирањето на државната администрација“, вели Данче Даниловска Бајдевска, програмски директор во Фондацијата Метаморфозис.

Таа смета дека ниту една политика, а посебно не закон кој е системски и уредува повеќе значајни прашања за работата на органите на државната управа, не смее да се менува во затворен неконсултативен процес и посочува дека реорганизацијата на државната управа како исклучително важен процес мора да почива врз принципите на транспарентност, вклученост и претходна подготовка на граѓаните за системските промени што се иницираат.

„Една од можните последици на ваквата реорганизација е намалување на веќе ниската доверба во институциите, бидејќи во недостаток на транспарентност – без јавни консултации, граѓаните и засегнатите страни може да почувствуваат дека не се земени предвид нивните интереси и потреби. Лошо спроведените реформи и брзото донесување на законите без темелна анализа може да резултира и со спроведени реформи кои не се добро обмислени или не се соодветни за конкретните потреби на граѓаните и на самата администрација“, вели Даниловска Бајдевска.

Таа смета дека на овој начин се создава и правна несигурност, но и незадоволство меѓу вработените во администрацијата, што може да влијае врз нивната мотивација и ефикасност во работата. Даниловска Бајдевска вели дека ако се водиме од тековната Стратегија за реформа на јавната администрација (2023-2030) немаше потреба од ваква реорганизација на државната управа, но ако креаторите на јавни политики сметале дека има потреба, неопходно е да биде заснована на детален и темелно анализиран процес, заснован на претходни анализи и проценки за функционирањето на управата. Слабостите во тековниот систем требаше да бидат дискутирани со граѓанското општество и стручната јавност за да се обезбедат образложенија зошто некои предлози се или не се прифатливи.

„За жал остана впечатокот дека целта на овие новини е базирана само затоа што биле предизборно ветување. Кон ова чувство придонесува и тоа што измените, односно преуредувањето на државната управа беа направени итно, без консултации и по скратена постапка во Собранието, со образложение дека не се работи за обемен и сложен закон, што е апсолутно неточно. Промените кои се базираат на предизборни ветувања често може да звучат привлечно за јавноста, но ако не се консултирани засегнатите страни, тие можат да резултираат во популистички мерки кои не носат вистинско подобрување во функционирањето на администрацијата. Ова сугерира дека главната цел е исполнување на политичките агенди, наместо да се осигура дека промените се реално потребни и одржливи за долг рок“, вели Даниловска Бајдевска.

Нема одговор колку пари годишно ќе се одвојуваат за новата извршна администрација

Од Владата, пак сметаат дека измените на Законот за организација и работа на органите на државната управа со реорганизација на определен број министерства и формирање на четири нови министерства се еден од клучните столбови на изборната програма на Платформа 1198, што треба да обезбеди функционален систем за граѓаните, способен да одговори на потребите за модерен и прецизен пристап кон управување со ресурсите, квалитетен живот и динамичен економски развој.

„Оваа реформа беше промовирана во јавноста на 24 март, како дел од изборната кампања за парламентарните избори на 8 мај. Во тој период всушност течеше и јавната дебата низ медиумите, при што немаше клучни забелешки, туку напротив можеа да се слушнат и позитивни изјаснувања“, велат од Владата.

Читајте до крај на мета.мк.