Четворица поранешни ректори на УКИМ денеска побараa одложување на донесувањето на измените во Законот за високото образование, со цел да се овозможи поширока дебата во јавноста.
Нивното писмо испратено до медиумите интегрално го објавуваме во продолжение.
Ние, бивши ректори на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје – академик Ѓорѓи Филиповски, Драги Данев, Александар Анчевски и Ѓорѓи Мартиновски, во врска со постапката за донесување измени во Законот за високото образование, за целокупната јавност, ја даваме следнава изјава:
1. Даваме поддршка на заклучоците на Ректорската управа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со кои се предлага да се одложи донесувањето на измените, со цел да се овозможи поширока и поопстојна дебата. Потребно е да се спроведе соодветна постапка низ која, со поголемо учество на академската заедница (наставниците и студентите), ќе се направи анализа на состојбата во високото образование, целта и оправданоста на мерките кои би се презеле, како и условите кои за тоа е потребно да бидат обезбедени.
2. Сметаме дека е оправдана борбата на академската заедница, за одбрана на автономијата на Универзитетот, како едена од придобивките не само од развојот на демократијата, туку и на искажаниот висок степен на одговорност во реализацијата на доверените задачи во високообразовниот процес. Како потписник на Големата болоњска повелба во 1990 година, нашиот Универзитет ја прифати обврската за доследно почитување на заедничките европски принципи – да биде автономна институција која на критички начин, со морална и научна независност, ги остварува и ги пренесува научните знаења и достигнувања.
3. Потребно е да се уважуваат ставовите на академската заедница на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во која се вклучени 3.100 наставно-научни, соработнички и административни кадри и повеќе од 60.000 студенти на прв и втор циклус студии – најголемиот интелектуален потенцијал во земјата.
4. На нашиот прв и најголем Универзитет во државата се создадени околу 150.000 високо-стручни кадри, над 10.000 магистри и специјалисти и околу 4.000 доктори на науки во сите наставно-научни области. Според ова, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е јак центар на образованието, науката, културата и уметностата, спремен од повеќе аспекти да одговори на предизвикот: „Силни универзитети за силна Европа“. Од првата надворешна евалуација во 2003, после двете последователни евалуации во 2008 и 2011 година, спроведени од комисии составени од експерти од највисоко рангираните универзитети во Европа и номинирани од Европската асоцијација на универзитети, дадено е високо мислење за оствареното, особено за заложбите во градењето и унапредувањето на квалитетот.
5. Потребно е да се има во предвид дека, во голем временски период од своето делување, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, наставниците и студентите, како и во сите напредни општества, имаа третман и успешно ја вршеа функцијата на партнери во креирањето на решенијата битни за развојот на државата.
Скопје, 05.01.2015
Акад. Ѓорѓи Филиповски, с.р.
Драги Данев, с.р.
Александар Анчевски, с.р.
Ѓорѓи Мартиновски, с.р.