Годинешното, 25. издание на Светскиот фестивал за анимиран филм „Анимафест Загреб“ ќе се одржи од 9. до 14. јуни. Првпат годинава се споени краткометражно и долгометражно издание, па така на неколку локации низ Загреб – кината „Европа“, „Тушканац“ и „Синеплекс“, Музејот на современа уметност, галеријата „Улупух“ и на отворено ќе бидат прикажани 177 филмови во неколку натпреварувачки категории.
Наградата за животно дело на отворањето на фестивалот ќе му биде доделена на великанот на анимираниот филм, Французинот Мишел Осло, добитник на неколку награди „Цезар“ и БАФТА, а во 2009-та е одликуван со Орден на Легијата на честа. Во рамки на фестивалот на фестивалот ќе се одржи и вториот меѓународен научен собир и неколку придружни програми.
Темата на ова издание на Анимафест Загреб е „Алиса во земјата на чудата, неисцрпен извор и инспирација“, книжевниот класик на Луис Керол, објавен пред точно 150 години. На фестивалот ќе бидат прикажани анимираниот класик на Дизни, но и сосема поинакви пристапи на оваа тема, како на чешкиот надреалист Јан Шванкмајер и на неговиот сонародник Јан Балеј.
На темата се подготвени и две програми на краткометражни анимкирани филмови кои не се за деца, меѓу нив и надреалниот сексуален филм „Малиса во земјата на чудата“ на Винс Колинс. Меѓународното жири го сочинуваат значајни имиња на светската анимација, како оскаровецот Крис Ландрет (Оскар за филмот „Рајан“ во 2004.), директорката на Британската наградав за анимација, Џејн Пилинг, хрватскиот аниматор Вељко Поповиќ, ланската добитничка на Гран-при Јоунг Јуми и филмската и театарска критичарка Лесли Фелперин (Холивуд рипортер, Гардијан) и други.
Фестивалот ќе има и неколку активности пред официјалното отворање. Така уште утре ќе биде отворена програмата “Animation goes MSU!“, при што на фасадата на Музејот на современа уметност ќе бидат прикажани 16 анимирани дела. Во сабота (30 мај) во паркот Зрињевац ќе има програма со ликовни активности за деца и читање книги, како и проекција на добитникот на Гран-при од 2013-та, филмот „Усвојување на одобреното“ на Лорен Боило и Јунг Хенин. Вечерта ќе има и тематска забава во фестивалскиот клуб „Винил“.
Илустрацијата и највната шпица годинава се дело на хрватската дизајнерка и илустраторка Петра Злонога.
Комплетната програма на може да се погледне на следниот линк.
Е.Д.