Во сабота, 12 јуни, АП(о)ТЕКА МКЦ и Corpus Delicti во периодот од 12:00 до 17:00 часот, ќе организираат дневно дружење на платото пред МКЦ, по повод меѓународниот„Record Store Day 2021“. Во светски рамки, овој интернационален „Ден на независните музичките продавници“ се одржува од 2007, а во кај нас се организира по четврти пат.
Следејќи го генералниот концепт на прославата и „Record Store Day Macedonia 2021“ има свој амбасадор-промотер на овој настан. Оваа чест секогаш е наменета за музичари, кои со своите објави покажале несомнена почит и љубов кон физичките изданија (пред сѐ винилите) како доминантни носачи на звук и на овој или оној начин несебично го поддржувале опстојувањето на малите музички продавници. Водејќи се од овие основни начела, честа да биде македонски Амабасадор на овогодишниот македонски „Record Store Day“, е доделена на Александар Петрушевски (Пепе, Alex Dust). Неговото име, во изминативе 6 години, се појавува испишано на 18 винилни изданија (и реобјави) издадени во Европа и Австралија. Тоа го прави еден од ретките македонски музичари, кои со своето творештво имаат оставено печат на повеќе од 10 музички изданија, објавени на винил (албуми или синглови). Уште поинтересно е што овие објави се во најголем дел со само еден бенд, Disease, и со по едно од Defekt и Angza.
Во 2017 година оваа почест му беше укажана на Васко Атанасоски, во 2018 на Влатко Стефановски, а во 2019 на Стојче Цветановски. Во 2020, породи Корона-кризата, настанот не се организираше.
Годинава, по четврти пат, на интернационално ниво се промовира уште една почест, „Worldwide Record Store Legend”, за страсно колекционерство и долгогодишна поддршка на физичките изданија како носачи на звук (пред сè на винилот) и континуирана поддршка на малите и независни музички продавници.
„Сметавме дека кај нас, честа да биде промовиран во нова македонска “Worldwide Record Store Legend”, треба да му припадне на професорот на правниот факултет во Скопје – Гордан Калајџиев, долгогодишен пасиониран колекционер на физички изданија (со особена страст кон винилите) и редовен посетител на европските, но и на ретките македонски независни музички продавници. Во изминативе три години оваа почест ја добија Васја Ивановски (2017), Владимир Мандичевски-Манде (2018) и Бранислав Димитров-Бране (2019)“, велат организаторите.
„Record Store Day Macedonia 2021” годинава ќе биде одбележан и со промоција на винил, кој иако не е изготвен како RSD Exclusive Release, сепак ќе биде промовиран на овој славенички ден. Се работи за винилно издание, кое е сосема уникатно во целата македонска дискографска историја. Албум со само една песна, но во 9 различни изведби од македонски артисти, компилацискиот албум „Ние сме од СКопје“, во издание на „PMG Recordings“.
Целиот славенички настан ќе биде поддржан со DJ сетови на Теа Шалдева и Томе ROOTBOY, но и концертни настапи на DISEASE и КАНТОН 6. Веќе се подразбира и можноста за купување винили од АП(о)ТЕКА, со специјален попуст за тој ден од 20%.
„Истовремено ја користиме и можноста за повик кон сите македонски издавачи да изнесат дел од своите изданија на продажба, на обезбедените пунктови на платото пред МКЦ. Доволно е само да се најавите“, појаснуваат организаторите.