Културолошката иницијатива „5 до 12“ денеска ја најави програмата за четвртото издание на алтернативното културно-забавно лето во Охрид, кое ќе трае од 1 јули до 21 август.
Јован Цветкоски од „5 до 12“ на прес-конференцијата посочи дека веќе четири години алтернативното културно-забавно лето се организира со уникатни настани и доживувања за охриѓани, како и гостите од земјава и странство, за кои посочи дека се помалку ги има во претходните години поради пандемијата.
„Оваа година се надеваме дека ситуацијата е променета, колку толку и дека ќе биде многу поразлично и настаните ќе бидат попосетени. Имаме доста интересна програма, спремни се сите настани, од 1 јули сега, овој петок, до крајот на август, 21 август, да истераме седум настани кои се на официјалната програма. Исто така ќе има настани кои ќе бидат ‘оф програмата’, кои отпосле ќе бидат објавени“, посочи тој.
Дополнително, Цветкоски посочи дека културолошката иницијатива е платформа која сакаат да ја изградат за талентираните млади луѓе од Охрид и другите градови.
„Буквално во шпицот на сезоната, јули, август каде што имаме многу кич и турбофолк, да пробаме со една алтернативна програма, да ги ставиме на површина нашите вредности и вештини кои што ги поседуваме како град, бидејќи ги има многу“, додаде тој.
Програмата за овогодишното издание на настанот е:
- 1 јули „Hey, OH, Let’s go“, велосипедска еко-забава „Tour de trance“ – Пристаниште, Охрид, 19:00 – 21:00
- 9 јули „Ој љубов, љубов“, староградска пловидба со Ансамбл Билјана – Канео – „Островче“, 17:30 – 20:30
- 23 јули „Free spirit day“, скејтбординг натпревар и настап на „Мамут“, „Хајка“ и „Томе Рутбој“ – Скејт парк Охрид, 17:00- 00:00
- 6 август „Wake @ Lake – Sunrise coffee“, кафе на изгрејсонце – „Островче“, 05:30
- 12 август „Sail O’Clock“, едриличарска регата – „К’ј Дивоно“, 09:00
- 19 август „Generation Z“, музичка програма со „ZeeBomb“, „Matej Foltz“, „Peco Istok“, „DJ 5aR“ – Касарна Охрид, 21:00 – 01:00
- 20 и 21 август „Summer drive-in cinema film flow“, летно кино со автомобили – Касарна Охрид, 20:00 – 00:00
Од иницијативата претходно посочија дека ова лето ќе бидат претставени четири важни поими кои се главна одлика на четвртото издание, односно менталното здравје, креативноста, исполнетоста и себеизразувањето.
[Интервју] Алтернативно културно лето им дава простор на младите во Охрид
Мартин Колоски