На четвртото издание на Меѓународниот фестивал за анимиран филм „Анимакс Скопје Фест 2014“ ќе биде прикажан 51 филм, од кои осум се наманети за детската публика. Фестивалот ќе се одржува од 4-ти до 6-ти декември во Кинотека на Македонија под мотото „Ако сите светат, ти блескај“.
Во трите фестивалски денови на „Анимакс Скопје Фест“ ќе бидат прикажани 43 филмови за возрасни и осум филмови за деца. Тие се избрани од пријавените рекордни 326 анимации од 52 земји во светот, меѓу кои најголем број од: Франција, Шпанија, Германија, Полска, Италија, Бразил, како и филмови од Ирак, Иран, Индија, Јужна Кореја, Тајван, Куба, Перу и др.
Голем дел од нив се носители на престижни награди, победници на филмски фестивали од А категорија.
Традиционално на последниот ден од фестивалот, 6-ти декември, ќе бидат доделени наградите Златна, Сребрена и Бронзена тула, а за нив ќе одлучува интернационална жири комисија. Исто така ќе биде доделена и Златна тула за најдобар детски анимиран филм, а за победникот ќе гласаат децата во трите фестивалски денови.
За време на фестивалот ќе бидат одржани и работилници во просториите на Кинотека на Македонија.
Официјалната програма на фестивалот со прикажување на филмовите ќе почнува во 20 часот. Детската програма во четврток и петок ќе ја следат дечиња организирани од основните училишта, а во сабота детската програма ќе почнува во 12 часот и ќе биде отворена за сите заинтересирани. Билетите за фестивалот чинат 50 денари и ќе може да се набават на влезот на Кинотека на Македонија.
Целосната програма е објавена на веб страната на фестивалот.