Чиле ја скратува работната недела на 40 часа

Чилеанскиот парламент вчера усвои закон со кој во следните пет години постепено се намалува работната недела од 45 на 40 часа, пренесува Данас.

За една година работната недела ќе се намали на 44 часа, потоа на 42 часа во третата година од спроведувањето и на крајот на 40 часа по пет години, без намалување на платите.

Чиле на тој начин му се придружува на Еквадор, единствената земја во Латинска Америка каде работната недела е 40 часа.

Во Аргентина, Боливија, Колумбија, Костарика, Мексико, Никарагва, Панама, Парагвај и Перу има 48-часовна работна недела. Во Бразил пак, работната недела е 44 часа.

Според Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), Латинска Америка е еден од регионите во светот со најдолги работни часови и највисока стапка на „неформална економија“.

Во Чиле, 27,3 отсто од работната сила работи во „неформалниот сектор“, односно непријавена и затоа не подлежи на данок.