Филмскиот фестивал „Скопје синема сити“ организира дводневен летен филмски настан, „Chill Out“, во отворениот простор на Кинотека на 27 и 28 август.
Настанот ќе се отвори со изложба на визуелниот уметник Стефан Шашков „Мешање звуци“, која е инспирирана од музиката на авангардните амбиент-музичари Брајан и Роџер Ино, Џон Хасел, Харолд Бад и Роберт Фрип.
Во продолжение, првиот ден ќе бидат прикажани документарни филмови за Брајан Ино, „Имагинарни пејсажи“ и „Џон се обидуваше да контактира со вонземјани“, како и „Приказни од искршениот џубокс“ за музичарот и поет Том Вејтс. Вториот ден ќе се прикажат филмовите „Гранд Хотел Барбес“ и „System K.“
„Брајан Ино е една од најважните фигури во светот на музиката и визуелните уметности како во 20., така и во 21. век. Иновативен, експанзивен и контроверзен, Ино, во кој било момент од неговата богата кариера наидувал на топол прием и признанија поради своите идеи, емотивен интензитет и музички иновации. Сето тоа ќе биде прикажано во филмот „Имагинарни пејсажи“, заедно со изложбата на Шашков „Мешање звуци“, информираат од Кинотека.
Настанот е организиран во соработка со Кинотека на Македонија и со Францускиот културен центар. Тој ќе биде реализиран според актуелните здравствени протоколи кои се одобрени од Министерството за здравство за организација на јавни настани на отворено.
Редовното 7. издание на Скопје синема сити е планирано да се отвори на 19 септември 2021.