Чистењето на жешките еколошки точки чини десетици милиони евра, мора да се најде економски одржлив модел

Десетици милиони евра ќе мора да се изнајдат за чистење и повторно доведување во природна состојба на жешките еколошки точки во земјава. Арсенот во Лојане и Табановце, шестовалентниот хром во Јегуновце, троската во велешката топилница, линданот во ОХИС, депонијата за гипс во ХИВ-Велес, јаловиштата во дел од рудниците се само некои од жешките еколошки точки, врз чија околина ќе биде неопходно да се изврши ремедијација. Сите тие во моментов спаѓаат во групата на контаминирани подрачја, објави агенцијата Мета.

Наједноставно објаснето, контаминирано подрачје е локација каде што загадувањето на почвата, водата и воздухот е толку големо што предизвикува сериозни закани по човековото здравје и биодиверзитетот на овие локации. Додека не се деконтаминира ваквиот простор преку отстранување на причините за загадувањето, државата ќе треба да прогласи ги прогласи нив за контаминирани подрачја.

Давор Пехчевски од Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест за Мета.мк вели дека Македонија досега немала искуство со прогласување на одредени локации за контаминирани подрачја, иако теоретски има точно определени правила и методологија како треба да се прогласи одредено подрачје за контаминирано.

По повеќе од една година одолговлекување, пратениците од Собранието на РСМ пролетва ги усвоија измените и дополнувањата на Законот за животна средина, со кои, меѓу другото, се воведуваат нови одредби со кои се уредува постапувањето со контаминирани подрачја во земјава. Владата ваквите предлог-законски измени ги усвои уште во декември 2020 година, по што тие требаше да се најдат пред пратениците.

Како што информираа од Министерството за животна средина и просторно планирање, со Законот сега се определуваат точни критериуми врз основа на кои одредено подрачје може да се идентификува за контаминирано, односно постои правна основа за усвојување на Методологија за идентификување на одредено подрачје за контаминирано. По изготвување на методологијата, Владата во иднина ќе може нив да ги прогласи како такви, по што би следувало и усвојување на Планот за управување со контаминирано подрачје. Инаку, методологијата и планот веќе се дефинирани од Министерството за животна средина и просторно планирање.

„Целта на измените на Законот е да се забрза целата процедура. Доколку има јасно утврдени критериуми и методологии, може да избегнеме да се повтори ситуацијата со ОХИС каде што повеќе децении се чека да се расчистат депониите со линдан. Сепак, многу работи пак ќе зависат и од ажурноста на институциите, но и од достапните финансиски средства за да се спроведува целата таа постапка“, вели Давор Пехчевски од „Еко-свест“.

И додека надлежните институции почнаа да се будат, што се покажа со чистењето на линданот од малата депонија во ОХИС и во случајот на раскинувањето на концесискиот договор за чистење на арсенот и другите отпадни минерали од рудникот „Лојане“ во Лојане, главната грижа што во моментов „лебди“ над горливите еколошки точки се финансиските средства потребни за ремедијација.

Во 2005 година, кога биле дефинирани жешките точки преку „Специјалната студија за загадени индустриски подрачја“, пресметките за ремедијација на сите подрачја во земјава изнесувале приближно 77 милиони евра.

Сепак, од денешна перспектива оваа сума е фантастично мала. Само за чистењето на линданот во ОХИС, решавањето на проблемот е проценето дека ќе чини околу 50 милиони евра, од кои 9 милиони евра веќе се обезбедени за чистењето на малата депонија на линдан во оваа некогашна хемиска индустрија.

За ремедијација на индустриската депонија во Јегуновце, „збогатена“ со шестовалентен хром, во 2007 година била направена физибилити студија, со која е определено дека ремедијацијата на ова подрачје ќе чини над 20 милиони евра. Од Министерството за животна средина и просторно планирање за Мета.мк признаа дека од денешна гледна точка, трошоците за чистењето на шестовалентниот хром од депонијата се многу поголеми.

И за арсенот во Лојане и Табановце била изработена физибилити студија во 2007 година со физибилити студијата, кога се утврдило дека ќе бидат потребни околу 3,4 милиони долари за оваа намена. И за ова контаминирано подрачје, од Министерството за животна средина за Мета.мк објаснија дека физибилити студијата ќе треба да се ревидира, а веќе е извесно дека само за ремедијација на теренот ќе бидат потребни далеку повеќе финансиски средства од она што било утврдено во 2007 година. Притоа, во овие средства нема да бидат вклучени и финансиите што се неопходни за дислокација на опасните материи од Табановце и Лојане.

Собрано заедно, чистењето само на овие три еколошки точки од денешна перспектива би чинело речиси 77 милиони евра кои биле проценети за чистење на сите 16 жешки еколошки точки во 2005 година, што укажува на фактот дека колку повеќе време изминува и не се работи на терен, толку решавањето на овие контаминирани подрачја ќе чини драматично повеќе средства.

Во одредени случаи, државата преку изнаоѓање на концесионери за експлоатација на отпадните минерални суровини се обидува да го реши проблемот со опасните материи на овие локации. Во случајот на троската во Велешката топилница, се покажа дека концесионерот има интерес и започна да ја расчистува згурата од наталожената црна депонија над Велес. Но, во случајот со арсенот во Лојане, договорот со избраниот концесионер беше раскинат од страна на Владата на РСМ, откако турската компанија по речиси осум години од стекнувањето на концесискиот договор се откажа од експлоатација на јаловиштето во напуштениот рудник.

Покрај договорите за избор на концесионери или трагањето по извори на финансирање (грантови, кредити) од странство, од Еко-свест објаснуваат дека ќе мора да се најде одржлив економски модел за што побрза ремедијација на жешките еколошки точки.

„Една од работите што може да е соодветна и може да има повеќекратни придобивки е да се комбинира ремедијацијата со енергетската трансформација. Многу од локациите што се помалку или повеќе контаминирани се соодветни за пренамена на земјиштето во фотоволтаични централи откако ќе се направи ремедијацијата“, објаснува Давор Пехчевски.

Тој додава ваквиот комбиниран пристап кон ремедијација на контаминираните подрачја нема да претставува само трошок за државата, туку ќе донесе и идна финансиска придобивка од користењето на обновливите извори на енергија. Ова ќе може да ги забрза постапките за расчистување на контаминираните подрачја.

Пехчевски потсетува дека како контаминирани подрачја во иднина би можеле да се прогласат не само утврдените жешки еколошки точки, туку во оваа категорија влегуваат и нестандардните општински депонии во земјава, коишто се „распослани“ во речиси секој македонски град. Притоа, само за чистењето на нелегалните општински депонии и ѓубришта во Источниот и Североисточниот плански регион се одвоени околу 10 милиони евра, а дополнителни извори на финансирање ќе мора да се пронајдат за чистење и рекултивација на локациите натрупани со ѓубре и во другите региони од земјава.

Од Еко-свест објаснуваат дека идните активности што ќе бидат дозволени или забранети во контаминираните подрачја од страна на Владата на РСМ ќе зависат од степенот и типот на контаминацијата на почвите, водите и воздухот, но и од нивната локација. Давор Пехчевски вели дека по правило создадените жешки еколошки точки се наоѓаат на локациите каде што имало големи загадувачки индустрии. Во минатото, голем дел од вработените во населените места припаѓале на еден или два субјекта од ваквите индустриски комплекси.

„Наведените локации имаат проблем токму затоа што не е овозможена транзиција од високозагадувачката индустрија која што ги создала тие контаминирани подрачја кон алтернативни економски гранки што ќе овозможат развојот на населеното место да продолжи“, вели Пехчевски, додавајќи дека неопходна е примена на праведна транзиција за тамошното население, која ако ништо друго, барем ќе овозможи разновидно и високоприносно земјоделство по деконтаминацијата на опасните материи од овие подрачја.

Мета