Читалните во студентските домови наскоро ќе се отворат, соопшти денеска Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Тие испратиле барање до државните студентски домови на 14 септември за отворање на читалните во студентските домови со почитување на сите протоколи за заштита од Ковид-19, а дополнително добиле одговор дека студентските домови се во подготовка за спроведување на протоколите и дека тие наскоро ќе бидат отворени.
„Со оглед на тоа што од оваа академска година домовите се отворени со полн капацитет, а студентите постигнуваат многу подобри резултати, оправдано и потребно е отворањето на читалните“, стои во објавата на УСС-УКИМ.
Читалните во студентските домови беа затворени откако во март минатата година поради коронавирусот беше донесена одлука за затворање на студентските домови низ земјата.