Меѓународната организација за слобода на изразување „Член 19“ испрати писмо до министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски во кое упати сериозни забелешки и загриженост поради предвидените решенија во предлог- законот за медиуми.
Извршниот директор, Агнес Каламар од име на организацијата со седиште во Лондон на Ивановски му испрати листа од повеќе од дваесет сериозни забелешки на понудените решенија, за кои смета дека не се во согласност со меѓународните стандарди за заштита на слободата на изразување.
Според организацијата, меѓу целите на новиот закон воопшто не е истакната промоцијата, заштитата или гаранцијата на слободата на изразување, што треба да биде приоритет на секоја легислатива во сферата на медиумите, и во поглед на спроведувањето и во поглед на интерпретацијата на тие закони.
Оттаму велат дека загрижува и позицијата на Советот што ќе раководи со Агенцијата за аудио-визуелни услуги, зашто предложениот текст не предвидува заштитни механизми кои ќе ја гарантираат неговата независност. Членовите на ова тело ќе се бираат во парламентот со просто мнозинство, а владеачката партија може да врши пресудно влијание врз изборот на членовите и на Советот и работа на Агенцијата. Уште повеќе, членовите на Агенцијата можат да бидат партиски припадници, и да примаат политички инструкции од својата партија. Постапката за номинирање на кандидатите е нетранспарентна, а граѓанскиот сектор е исклучен, се вели во писмото на организацијата.
Од Член 19 велат дека предвидената постапка за лиценцирање на медиумите, што се предвидува со нацртот, ги крши меѓународните и локални стандарди за заштита на слободата на изразување од повеќе причини, меѓудругото и затоа што не се предвидени соодветни процедури за презентирање на ставовите на апликантот, пред да му се додели, или во случај да се покрене процедура за одземање на лиценцата.
Предложените законски решенија исто така не гарантираат дека јавниот сервис МРТ ќе има адекватно финасирање, што би му обезбедиле независна позиција и долгорочно планирање на своите средства за работа, реагираат од меѓународната организација.