Државен инспекторат за животна средина (ДИЖС) информира дека по претставка на граѓанин, заедно со градежен инспектор и полицаец, извршиле вонреден надзор на локација за отпад во селото Сопиште, покрај регионалниот пат број 1 за село Брезница.
„Притоа на нелегалното одлагалиште беше затекнат багеристот Д. Ѓ како врши рамнење на одложен отпад со багер со регистарски таблички SK 7709 AD, кој е ангажиран од одговорното физичко лице Младен Момировски. На одлагалиштето се заткнати разни видови на отпад: градежен шут, растителни остатоци, пластични одводни цевки, бетонски плочки, делови од намештај, дрвени палети, стари градежни цигли и други видови комунален отпад“, соопштува ДИЖС.
Одлагалиштето, како што велат од Инспекторатот, е со вкупна површина од 5.140 квадрати, од кои 2.425 квадрати се во сопственост на одговорното лице, а остатокот е во државна сопственост.
„Одлагалиштето од страните кон соседните куќи е оградено со жичана ограда, а влезот од страната на регионалниот пат се затвора со врата од метална конструкција и жичана мрежа. Со нелегалното одлагалиште стопанисува одговорното физичко лице Младен Момировски кој на жителите на селото Сопиште им наплаќа за одложениот отпад, а за одлагалиштето на отпадот не поседува дозвола издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП). Со организирањето и со стопанисувањето на нелегалното одлагалиште на разни видови на отпад одговорното физичко лице Младен Момировски врши загрозување на животната средина, животот и здравјето на луѓето, нагрдување на објектите и просторот во урбаните зони, согласно членот 37 став (1) точка 1) и точка 6) и чл. 75 од Законот за управување со отпад“, се вели во соопштението на Инспекторатот.
Од таму посочуваат дека е изготвено Решение, како акт во инспекциска постапка со кое се забранува на физичкото лице секакво дејствие.
„Изготвен е и Записник за порамнување, за сторен прекршок со кој ќе следи прекршочна санкција-глоба“, нагласуваат од Инспекторатот.
Фото: ДИЖС