Човекот кој ги спасува заборавените мачки во Фукушима

Сакае Като веќе една деценија спасува и се грижи за мачките во Фукушима, од каде илјадници луѓе се отселија поради катастрофата во нуклеарната централа. Во моментов тој чува 41 улични мачки во неговиот дом, пренесува Индепендент.

„Сакам да се осигурам дека сум тука за да се погрижам за последната“, рече тој за Ројтерс од неговиот дом.

„После тоа, сакам да умрам, без разлика дали тоа е еден ден или еден час подоцна“, додава.

Живеејќи го својот едноставен живот на село во планинската област, Като го користи блискиот планински извор за вода и мора да вози до јавни тоалети. Тој ја складира храната за своите улични мачки во посебен простор што го загрева со парафински шпорет.

Като вели дека решил да ги спаси и да се грижи за напуштените домашни миленици откако над 160.000 луѓе биле евакуирани оставајќи ги животните.

Неговото семејство, пријатели и соседи, сите побегнале по катастрофата во нуклеарната централа, но Като си ветил дека ќе остане во речиси празното гратче за да се грижи за домашните миленици.

Тој вели дека мачките му дале и причина да остане на имотот што го сака и бил во сопственост на генерации од неговото семејство.

„Не сакам да заминам, сакам да живеам во овие планини“, рече тој стоејќи пред неговата излитена двокатна дрвена куќа, која му е дозволено да ја посетува, но технички не смее да спие.

Дури и во тешка состојба, Като вели дека троши околу 7000 долари месечно на храна за животните, од кои најголем дел оди на диви свињи кои се собираат околу неговата куќа секоја вечер. Минатиот месец, тој беше уапсен за наводно ослободување на дива свиња, фатена од јапонската влада во стапица.

Катастрофата во Фукушима се сметаше за најтешка нуклеарна несреќа по катастрофата во Чернобил. Несреќата, која беше предизвикана од земјотрес и цунами во 2011 година, ја принуди владата да евакуира 20 километри од областа поради контаминација на водата и воздухот.

Процесот на деконтаминација во погодената област, вклучително и во близина на куќата на Като е во тек, сепак, на жителите сè уште не им е дозволено да се вратат.