Cinedays ќе го прослави влезот во фестивалската „лига на шампиони“ со диџеј Џонатан Тубин

Фестивалот Cinedays, по повод акредитирањето во меѓународната асоцијација FIAPF најавуваат журка на 30-ти мај, на платото пред МКЦ во 21 часот.

Присутните ќе ги забавува њујоршкиот диџеј Џонатан Тубин (Johnatan Toubin) и неговиот “New York Night Train Party Machine” диџеј сет, а претходно ќе настапи и Гоце САФ.

Од Cinedays објаснуваат дека FIAPF претставува единствена федерација на филмски и телевизиски продуценти со големо глобално значење, вбројувајќи 38 продукциски куќи од 31 земја во светот.
CINEDAYS е во друштвото, рамо до рамо, со 47 фестивали од светот (вклучувајќи ги Берлин, Бусан, Кан, Сан Себастијан, Торонто и Венеција), кои се акредитирани преку оваа програма која гарантира квалитет, дефиниран од меѓународната филмска заедница сконцентрирана во оваа важна меѓународна федерација.