Организацијата ЦИВИЛ – Центар за слобода денеска одржа прес-конференција, за како што велат „бројните невистини и етикетирања изнесени во прилогот на вчерашниот дневник на ТВ Сител“.
Претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала ги демантираше наводите искажани за оваа
невладина организација и за него лично во вчерашните вести на телевизијата.
Тој побара јавно извинување најавувајќи дека во спротивно ќе поднесе тужба, поради нарушување на личниот и на угледот на организацијата.
„Овој атак е насочен кон дискредитирање на нашата организација со цел ние да бидеме исклучени од набљудувачкиот процес во изборите во април идната година и секако за да се замачкаат сите криминали кои се случуваат секојдневно во Македонија, а чии носители се токму стопаните на овие новинарки и новинари кои работат во медиумите кои се контролирани од власта“, рече Дерала кој прочита листа на донатори и на проекти кои се спроведени во периодот кој го „анализира“ Сител.
Тој меѓу донаторите ги спомена Швајцарската агенција за развој и соработка, ОБСЕ, УСАИД, норвешката амбасада, Американскиот балкански фонд, холандската амбасада, германската амбасада, амбасада на САД и други.
Според него, Фондацијата Отворено општество Македонија за последните четири години се појавува два пати како донатор на проекти на Цивил, со вкупна сума од 10 909 евра.
„Што се однесува на сите останати средства од овие донатори и се наменети за проекти кои ги спроведуваме за да се откријат изборните измами, за да се откријат становите кои не постојат, гласачите кои не постојат, операцијата Пустец, демографската интервенција, секојдневното кршење на човековите права и слободи и достоинството на граѓаните, по сите можни основи, токму од институциите кои ги киднапираа партиите на власт“, додаде Дерала.
Провладината телевизија Сител вчера објави дека организацијата ЦИВИЛ „инкасирала половина милион евра од СОРОС за само три години“.