Цивил – Центар за слобода организира обука за граѓански новинари, во среда (13 април) со почеток во 13 часот. Обуката ќе се изведе во просториите на ЦИВИЛ, а веднаш по обуката, учесниците ќе имаат можност практично да ги применат своите знаења за граѓанско новинарство. Со материјалите кои ќе ги изработат тие ќе добијат можност да учествуваат во натпреварот „Биди граѓански новинар“ кој се однесува на сите видови закани, уцени, притисок врз администрација, злоупотребата на јавните ресурси, политичката пропаганда и говорот на омраза во изборен контекст.
„Секој што има паметен телефон, фотоапарат или камера од каков и да е вид, може да биде граѓански новинар и да се вклучи во нашиот и вашиот проект. Ве охрабруваме да земете активно учество како граѓани и граѓанки кои преку истражување, медумски активности и активизам ќе дадат свој придонес за развојот на граѓанското новинарство“, порачуваат од Цивил.
Со учеството во натпреварот, граѓанските новинари ќе се стекнат со знаења за тоа што значи да бидеш активен граѓански новинар и ќе имаат можност да освојат една од петте награди кои Цивил ги доделува секој месец. Наградите се состојат од ваучери за аудио и видео опрема во износ до 110 долари.
Проектот е поддржан од фондацијата National Endowment for Democracy. Сите што сакаат да учествуваат во обуката за граѓански новинари треба да се пријават најдоцна до вторник (12 април), до 16 часот.