Цивил со осуда за полициското постапување при инцидентот со демонстрантите

Невладината Цивил испрати го осудија пречекорувањето на полициските овластувања во врска со саботниот инцидент кај ГТЦ, кога полицијата спречи демонстанти да истакнат транспарент „Против војната за профити“, за време на презентацијата во центарот на Скопје на дел од воената опрема за вежбата „Dragoon Guardian 17“.

Во продолжение ја пренесуваме целосната реакција на Цивил:

„Полицајците треба да знаат дека времето на дивеење заврши. Време е кога полицијата треба да ги штити граѓанките и граѓаните, а не интересите на дил-ориентед моќниците!

ЦИВИЛ – Центар за слобода остро го осудува очигледното пречекорување на овластувањата на неколку полицајци, кои противзаконски ги лишија од слобода активистите на Левица и граѓанскиот новинар и соработник на ЦИВИЛ на 29 јули 2017. Пречекорувањата на овластувањата е очигледно од видео снимките на соработникот на ЦИВИЛ, како и од изјавите на очевидците.

Активистите со ништо не загрозиле ничија безбедност, ниту биле закана по нечиј живот, здравје или имот, а новинарот ги користел уставните и законски права и слободи. Како одговор на тоа, полицајците грубо им се нафрлија и ги врзаа со лисици, без никаква законска основа. Легитимирање на граѓанките и граѓаните не се врши со лисици на рацете! Новинарите не смее да се врзуваат со лисици, затоа што ја работат својата работа! Тоа е за секаква осуда!

Воедно, сакаме да го изразиме нашето пријатно изненадување од реакцијата на Министерството за внатрешни работи. Министерот Оливер Спасовски и помошникот министер за внатрешна контрола Дејан Андонов презедоа итни мерки, уште во текот на викендот, случајот да го расветлат и да преземат мерки соодветни на законот и стандардите. Го поздравуваме и го поддржуваме тој нов начин на работа.

ЦИВИЛ ќе поднесе претставка до МВР во кое ќе бара одговорност на полициските службеници и нивните претпоставени.

Со јакнење на стандардите и строгото придржување кон законските овластувања на полицијата, довербата во оваа институција ќе порасне, а со тоа и сигурноста и безбедноста во целата земја.

Ги повикуваме граѓанките и граѓаните да пријавуваат злоупотреби и пречекорувања на овластувањата, како на полицијата, така и на сите носители на јавни функции, службеници во јавната администрација и секаде каде што нотираат кршење на човековите права и слободи.“, стои во реакцијата на Цивил.