Центарот за младински активизам ЦМА Крик објавува повик за младински работници кои имаат идеи за програми/работилници кои би сакале да ги спроведат во периодот од март до мај. Целта на програмите е да се даде пристап на младинска работа на различни целни групи на територијата на Скопје.
Крик минатата година спроведе циклус од 3 различни програми со 3 различни целни групи. Програмите беа на тема: Анти корупција – „Кажи и НЕ на корупцијата, секое НЕ се брои“, Женски права и слободи – „Жена, колку непознато тоа звучи!“, претприемништво и различни видови на професии „Кога ќе пораснам сакам да бидам“. Оваа година од организацијата најавуваат дека целат кон зголемување на бројот на понудени програми.
Повикот е отворен за оние кои досега имале искуство во работа со млади, имаат креативни идеи и малку слободно време.
„Доколку имате креативна идеја која сакате да ја преточите во програма наменета за личен и социјален развој на млади луге ова е совршена можност за вас. Темата и целната група оставаме на вас да ја одберете, а заедно ќе се обидеме да ја приспособиме за да можеме да ги задоволиме потребите на целните групи.
Ние ја контактираме институцијата/целната група каде сакате да работите и ви обезбедуваме материјали и простор за работа. Програмите треба да ги реализираат двајца младински работници. Доколку имате идеја но немате колега-младински работник слободно аплицирајте ја програмата, ние ќе ви најдеме“, појаснуваат од Крик.
Работилниците треба да се одржуваат еднаш неделно и траат најмногу 2 месеци. Програмата може да се реализира во еден месец со четири работилници или во два месеци со осум работилници. Секоја програма треба да има завршен настан кој ќе се реализира по завршување на работилниците.
За учество во програмата треба да се пололнат следните документи (план на програма и план на работилница) и заедно со кратка биографија да се испратат на infokrikcenter@gmail.com
Повикот е отворен до први март 2016 година.