Учесници на опозициските протести во Тирана, Албанија, денеска повторно се обидоа да влезат во албанскиот парламент, каде што беше во тек пленарна седница, но беа спречени од полицијата.
Демонстрантите кои ги предводи водачот на опозициската Демократска партија, Љуљзим Баша, употребиле димни бомби, и се судрија со албанската полиција која ја чуваше зградата на парламентот. Дел од демонстрантите застанале и пред министерството за внатрешни работи кое го обоиле со црно мастило.
Ова е седми анти-владин протест на албанската опозиција, која го обвинува премиерот Еди Рама за корупција и вмешаност во организираниот криминал. Од партијата на Рама посочуваат дека протестите се прават за да се закочи напредокот на Албанија во евроинтеграциите.