Денеска (14 јуни) традиционално ширум светот се одбележува Светскиот ден на крводарителството како благодарност на луѓето кои доброволно и бесплатно ја даруваат својата крв на оние на кои им е потребно. По тој повод поразговаравме со Александра Валкановска, стручна соработничка за крводарителство во Црвен Крст која ни открива повеќе за тоа колку е развиено крводарителството во Македонија, во кои општини има најмногу крводарители и дали потребите од крв во државата се задоволени.
„Македонија е мала земја со одлично развиено крводарителство, кое се темели на принципите доброволност, анонимност и бесплатност. Денешниот ден го користиме за уште еднаш да им се заблагодариме на крводарителите во нашата заедница за нивниот драгоцен придонес преку дарувањето крв со што спасуваат животи“, вели Валкановска.
Таа посочува дека согласно Законот за безбедност во снабдувањето со крв, според Европските стандарди и искористеноста на болнички кревети во државата, Комитетот за планирање на крв утврдил дека се потребни 55.000 единици крв во Македонија и дека Црвениот Крст и Институтот за трансфузиона медицина преку планска, масовна и континуирана активност ги обезбедуваат потребните количини.
View this post on Instagram
„Заеднички ја поттикнуваме свеста кај граѓаните за важноста и значењето на крводарителството и вршиме правилна и насочена здравствено-едукативна и мотивациска активност“, истакнува таа.
Најголем дел од активностите, тврди Валкановска, ги спроведува заедничкиот тим за координација кој работи на планирање и организација на крводарителските акции, ги следи и координира сите крводарителски акции предвидени со Годишниот интегрален план и дава стручни совети и препораки до општинските организации на Црвен крст и службите за трансфузиона медицина.
Податоците на организацијата покажуваат дека минатата година во Македонија се собрани 59.688 единици крв, или 8.5% повеќе од потребното. Само во Скопје собрани се 23% повеќе единици крв, додека пак Битола, Валандово, Велес, Виница, Гевгелија, Делчево, Кавадарци, Крива Паланка, Крушево, Неготино, Прилеп, Пробиштип, Ресен, Свети Николе, Струга и Штип се градови во кои е забележан најголем или зголемен број на крводонатори.
View this post on Instagram
„Чекор понапред во процесот на унапредување на крводарителството на територија на град Скопје претставува отварањето на Центарот за дарување крв во наменски адаптирана просторија во склоп на Домот на хуманитарните организации ‘Даре Џамбаз’ каде во пријатно опкружување крводарителите имаат можност да ја покажат својата хуманост преку чинот на крводарување секој работен ден од 8 до 14 и 30 часот“, посочува Валкановска.
Позитивните искуства од работењето на Центарот, смета таа, придонесуваат за понатамошно успешно функционирање, афирмирање, самоиницијативно крводарување и организирање на поголем број промотивни активности и крводарителски акции кои се веќе препознатливи за граѓаните на Скопје и за крводарителите.
„Крводарителството ги развива особините на хуманост и солидарност кај граѓаните, а особено кај младите, и придонесува за подигнување на нивото на здравствената култура и јавната свест“, додава таа.
Организацијата постојано го промовира волонтерството во државата, посочува Валкановска, преку редовни крводарителски акции, Клубот на крводарители, промотивни материјали и информативни флаери, мотивирање на младата популација, а од изминатите неколку години, и преку Организацијата на млади донари на крв и мотиватори „Клуб 25“.
Како што потенцира Валкановска, оваа форма на млади луѓе е единствена од ваков тип на нашата територија и е добар пример за мотивирање на младите во државата.
„Промовирањето на редовно дарување крв меѓу младите и пошироката јавност, со цел обезбедување доволно крв за луѓето на кои им треба, и понатаму останува висок приоритет во нашата работа“, заклучува таа.
Инаку, крводарителството се слави токму на денешен ден поради роденденот на Карл Ландштајнер, таткото на системот на крвната група АБО.
Ангела Петкова