Црвениот крст на Македонија отвори телефонски броеви за донации за настраданите во поплавите во Босна и Херцеговина

Црвениот крст на Македонија го отвори телефонскиот број 143-400 за корисниците на Македонски Телеком и А1 на кој може да се донираат по 100 денари со еден повик за помош на настраданите во поплавите во Босна и Херцеговина.

Дополнително, за настраданите во поплавите може да се донира и на сметката на Фондот на солидарноста на Црвениот крст на РСМ: 300000001327966, даночен број: 4030984271620 АД Комерцијална банка, со назнака: помош за настрадано население од поплавите во БиХ.

За донации на средства во странска валута:

NAME OF THE ORGANIZATION: RED CROSS OF THE REPUBLIC OF NORTH MACEDONIAN
BANK NAME: KOMERCIJALNA BANKA AD SKOPJE
BANK ADDRESS: UL. ORCE NIKOLOV NO.3, 1000 SKOPJE, MACEDONIA
BANK ACCOUNT: 300000000000133 25730522-11
SWIFT CODE: KOBSMK2X
IBAN CODE: MK07300701000001228

Од Црвениот крст велат дека интензивните врнежи од дожд, кои зафатија делови од Босна и Херцеговина, предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето, одземајќи човечки животи и огромни материјални штети.

„Повеќе од 20 станбени единици се целосно уништени, а животот и здравјето на стотици домаќинства се во голем ризик. Согласно досегашните информации изгубени се 24 животи и непознат број на исчезнати“, додаваат оттаму.

Црвениот крст на Босна и Херцеговина ги активирал сите расположливи капацитети, со цел спречување и ублажување на човековото страдање и заштита на животот, здравјето и човечкото достоинство, а согласно обемот и интензитетот на настаната катастрофа потребна е дополнителна помош и поддршка.

Црвениот крст на Република Северна Македонија пак, веднаш стапил во контакт со Црвениот крст на Босна и Херцеговина и согласно нивната проценка на потреби, била понудена помош во материјално технички и човечки ресурси за справување со последиците предизвикани од поплавите. Од своите резерви Црвениот крст на РСМ издвоил парични средства во висина од 10.000 евра како првична помош за настраданото население.