Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираше дека во изминатото деноноќие биле евидентирани вкупно 22 пожари на отворено, од кои утрово 8 се уште активни.
Регионалниот ЦУК Тетово извести дека пожарот над село Селце, кој гори од 11 април сè уште е активен и покрај тоа што денеска на терен биле активни два хеликоптери од МВР и ренџерите од Национален парк „Шар Планина“ со 10 луѓе, а и четири пожарникари од ТППЕ-Тетово.
„Опасност за соседното селото Лавце нема, а пожарот е далеку и од други објекти или населени места. Хеликоптерите престанаа со гасење по 16.00 часот, а и повеќето од луѓето беа повлечени. На терен останаа дежурни неколку ренџери од Национален парк „Шар Планина“ кои дежураат за секој случај. Во текот на денешниот ден повторно екипите од утрово интервенираат. Активни пожари има во с.Гургурница (Општина Брвеница), помеѓу с.Сретково и с.Церово, кај одморалиштето „Бунец“ (Општина Маврово – Ростуше), а и кај с.Горјане (Општина Врапчиште)“, соопштија од ЦУК.
Вчера претпладне бил пријавен и пожар во месноста „Темна Бука“ кон Китка каде гори многу високостеблена борова шума.
„Екипите од ЈП Национални шуми подружница – ‘Караџица’, вчера известиле дека се на терен и дека интервенираат, а во 07.45 часот добиле пријава за пожар во с. Црвена Вода (Општина Студеничани) каде што вработени од подружницата „Караџица“ не интервенирале, заради тоа што за истиот оцениле дека ‘се задишувал’ и не постоела опасност од него“, велат од ЦУК.
Истовремено, регионалниот центар во Битола пренесе информација од Противпожарната единица дека пожарот кој започна на 14 април во 7 часот, на село Острец на Баба Планина е сè уште активен.
„Пожарот е на непристапен терен и не биле во можност да интервенираат. Гори сува трева, лисја и гранки и нема опасност по населени места и Националниот парк ‘Пелистер’“, додаваат од ЦУК.
„Регионалниот ЦУК Велес известува дека вчера во 23.00 часот избувнал пожар на отворен простор кај с. Горно Јаболчиште во Општина Чашка каде што гори букова шума. Од ЦУК веднаш се известени во ЈП ‘Национални шуми’ подружница ‘Бабуна’ од Велес, коишто информирале утрово ќе упатат вработени кон пожарот за да го гаснат“, посочија од ЦУК.
Во последното деноноќие, биле изгаснати 14 од вкупнo 22 пожари на отворенo.