Центарот за управување со кризи информира дека во текот на вчерашниот ден, 20 јули, имаше вкупно 30 пожари на отворен простор, а од нив девет се’ уште се водат како активни.
„Под контрола (пожари кои не можат да се шират, но се’ уште има горење) се ставени шест, а 15 пожари се целосно изгаснати, иако за жал во претходните денови имавме случаи кога изгаснати пожари повторно се разгоруваа“, информираше денеска првиот човек на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Во согласност со проценетите ризици и опасности, според информациите кои ги имаат во овој момент, вели тој, од утрово во гаснењето е даден приоритет на неколку пожари.
„Пожарот во Општина Чашка, с.Габровник, с.Мокрени, с.Јаболчиште, с.Дреново кон врвот Лисец ќе бидат ангажирани 2 хеликоптери (МВР и АРМ), со дополнителни ангажирани локални сили и подршка од 55 припадници на Армијата“, соопшти Ангелов.
Понатаму, во Општина Македонски Брод, с.Тажево кон с.Брезница ќе биде ангажиран хеликоптер на АРМ (Ми 17), со дополнителни ангажирани локални сили и подршка од 30 припадници на Армијата.
„Општина Кавадарци, с.Фариш, ќе дејствуваат 2 ер трактори од ДЗС, со дополнителни ангажирани 20 припадници на САЕ Тигар на МВР. Додека во Општина Градско, Криволак кон Брегалница, пожарот кој доаѓа од Криволак, ќе бидат ангажирани 30 припадници на САЕ Тигар“, информираше Ангелов.