ЦУК: Активни се девет пожари, во изминатото деноноќие имаше 26 пожари на отворено

Центарот за управување со кризи (ЦУК) утрово соопшти дека во последното деноноќие имало 26 пожари на отворено, како и дека 9 од нив се сè уште активни, а се гасат и од земја и од воздух.

Оттаму посочија дека активен е пожарот на планината Серта кој се простира на 3 општини како 4 самостојни пожари. Исто така, активни пожари има во атарот на село Калањево каде гори ниска вегетација и шума, кај селата Горни и Долни Липовиќ каде гори ниско стеблеста шума, потоа кај местото викано Патрик кај Штип, каде гори смрек, дабова и мешовита шума.

Исто така, активен пожар има и помеѓу селата Драгоево и Селце каде гори ниска вегетација и грмушки, пожар на борова шума има и над селото Бадилен, потоа кај селата дреново и Долно Јаболчиште каде е зафатена мешовита шума, кај селото Црнилиште пак гори нискостеблеста вегетација, додека кај селото Слепче и Гостиражни гори ниска и сува вегетација. Активен пожар има и помеѓу селата Негорци и Кованец, каде гори даб, смрека, прнар и сува трева.

„Од рано утрово веќе се дејствува по активните пожари и со воздухоплови, како засилување на силите коишто гаснат од земја, пожарникари, вработени во јавни и комунални претпријатија, армиски припадници, од доброволни ПП друштава, мештани и од други здруженија на граѓани. Прво почнаа да дејствува еден полициски хеликпотер, а за кратко му се приклучи и еден армиски хеликоптер“, соопштија од ЦУК.

Оттаму претходно посочија дека по 10 часот се очекува да полетаат и два авиони од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

Од Центарот за управување со кризи посочија дека е побарана и меѓународна помош за справување со пожарите.

Инаку, пред два дена, Владата донесе одлука за воведување кризна состојба поради пожарите во траење од 30 дена.

Владата донесе одлука за кризна состојба поради пожарите во траење од 30 дена