Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека во 09:53 часот преку Единствениот телефонски повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК е добиена пријава за пет малолетни лица и едно возрасно лице дека поради обилните снежни врнежи се заглавени во село Рајчани во Општина Кочани и не можат да се симнат во Кочани.
Тие посочија дека од ЦУК, преку Секторот за операции и координација, веднаш е контактирано со СВР Штип, ПС Кочани и со лицето за контакт од Општина Кочани и Градоначалникот на Општина Кочани, за координирање на активностите.
Оттаму додаваат дека во 11:50 часот лицата се извлечени со теренско возило на член на Доброволна планинска спасувачка служба „Осогово“ од Кочани и дека безбедно се однесени и предадени на нивните родители.
Македонија ја зафати студен бран, а од Управата за хидрометеоролошки работи утрово соопштија дека до 7 часот, висината на снежната покривка во Попова Шапка е 52 цм, во Маврови Анови 35, во Штип и Дебар 15 цм, Ѓуриште 12, Битола и Тетово 11 цм, Крушево 8, Охрид 5, Прилеп 4, Куманово 3, Скопје-Петровец 2 цм и по еден центиметар во Струмица и Демир Капија.